Добра мерка за хрватските граѓани. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска на владина седница ја донесе уредбата со која во наредните 30 дена ќе се замрзнат цените на бензините на 1,47 евра, а на дизелот на 1,46 евра, со цел да се заштитат потрошувачите од растечките цени на нафтените деривати на светските берзи.
„Имајќи го предвид сегашниот економски момент и непредвидливите цени на нафтата на светскиот пазар, како и влијанието на цените на горивата на вкупната економска активност и стандардот на граѓаните, а со цел на непречено натамошно задравување на стопанството, владата одлучи во наредните 30 денови да ги стабилизира цените на бензините и на дизелот, врз основа на Законот за пазар на нафта и нафтени деривати“, изјави Пленковиќ. Тој додаде дека во наредниот период владата ќе ја следи во континуитет состојбата на светскиот пазар и ако е потребно ќе реагира, пишува Јутарњи лист.
Инаку, во земјава во последниов месец секоја недела цените на горивата одат во нагорна линија. Со последното зголемување во понеделникот, според одлуката на Регулаторната комисја за енергетика и водни услуги, бензините поскапеа за два денара, а дизелот за два ипол денари. Односно, Еуросупер БС-95 до крајов на неделава чини 75,5 денари (1,22 евра), а Еуросупер БС- 98, 77,5 денари за литар или (1,26 евра). Дизелот, пак, се продава по 67,5 денари за еден литар (1.09 евра).
Кога станува збор за цените на нафтените деривати, кои растат кај нас, но и секаде во светот, поради енергетската криза, досега ниту Владата ниту РКЕ најавуваат интервенции кај цените на горивата, по примерот на хрватската влада. Само велат дека цената на струјата за домаќинствата е стабилна и нема да се зголемува, како и дека ќе има интервентниот увоз на јаглен за поголемо домашно производство на струја од термоцентралите. Премиерот Зоран Заев и претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, деновиве рекоа дека до крајот на годинава нема да се менува цената на електричната енергија, а што ќе се случува потоа, не се знае.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека за период од година ипол, цените на безините и на дизелот се зголемени за 50 отсто.
Домашните компании од прехранбената индустрија неодамна апелираат до Владата да преземе некакви мерки за скапата струја што на набавуваат од странство, која ќе ги зголеми цените на производите до крајот на годината за 50 отсто, односно до пораст на инфлацијата во државата. Заев тврди дека толкав скок на цените на храната нема да се случи, затоа што струјата не влијае со голем процент во готовиот производ, и дека инфлацијата се држи на фиксно ниво од 2,7 отсто годишно.
(М.Т)