Во Велес започна првата стрип колонија „ВЕЛЕС 2018″ – ММС
ММС

Објавено на: 08/21/18 10:21 AM

Во Велес започна првата стрип колонија „ВЕЛЕС 2018″

Во организација на Стрип центарот на Македонија-Велес во Велес започна првата стрип колонија во Македонија насловена „Велес 2018“, која ќе трае до сабота, а  која е финансиски помогната од Министерството за култура и Општина Велес.

На  првата стрип колонија учествуваат  гости од Србија – Рашка, Лесковац и Белград, од Црна Гора и автори од разни генерации од Македонија.

Како што појасни за медиумите Томе Трајков од СЦМ-Велес, нивна задача за време на колонијата е  да нацртаат стрип, без оглед дали е претходно подготвен.

Колонијата се одржува под менторство  на специјалниот гостин, професорот Владимир Весовиќ  од Школата за стрип од Белград, а кој ќе им помогне на учесниците да ги развиваат своите способности.

– Нацртаните стрипови ќе бидат во конкуренција за првата награда на веќе објавениот интернационален стрип конкурс  за кој рокот е  20 септември, а со тоа и објавување во ревиите „СТРИП КРЕАТОР“ И „АЛМАНАХ“, како и традиционалната стрип изложба, во средината на октомври во Велес.

Според организаторите од СЦМ-Велес оваа прва стрип колонија „Велес 2018“  е еволутивен напредок во организирањето на традиционалниот стрип салон, кој секоја година се организира во средината на октомври во Велес.

– На овој начин преку оваа колонија ќе се овозможи подолготраен активен контакт и соработка помеѓу учесниците од разни земји, потенцира Трајков.