Маргарита Милошеска од Гостивар, мајка на девојче со церебрална парализа и координатор на Ресурсен центар покрена интересна иницијатива со која бара од сите кандидати за градоначалници да потпишат декларација со која се обврзуваат дека ќе го слушнат гласот на заедницата на лицата со попреченост и гласот на нивните родители.
Маргарита, која летоска ексклузивно за ММС во видео-приказна ги отвори вратите на својот дом и покажа како живее самохран родител на дете со посебни потреби, ќе бара поддршка од политичарите за достоинствен живот на овие лица.
„Можеби е малку задоцнето затоа што партиите и кандидатите се во финишот на кампањата, но важно е да реагираме. Пред почетокот на ланските парламентарни избори ги повикав сите политички партии да потпишат договор со кој се обврзуваат дека ќе ни излезат во пресрет за некои барања и најголемиот дел од нив го потпишаа. Овојпат, Ресурсен центар сака да ги повика сите кандидати за градоначалници од цела земја да потпишат декларација со која ќе се обврзат дека за време на нивниот мандат ќе не поддржат нас родителите и лицата со посебни потреби“, истакна Маргарита Милошеска за ММС.
Таа призна дека таргет се поголемите градови и општини, а Велес, Охрид, Куманово и Кавадарци се првите градови кои пројавиле интерес да ја потпишат декларацијата во која се се бара од кандидатите кои ќе станат градоначалници во текот на првите шест месеци од мандатот, општините под нивно водство ќе изготват социјален план и ќе ги евидентираат сите лица со попреченост, со посебен осврт на нивните потреби, вештини и знаења со цел нивна инклузија и социјализација.
О.К.