НАТО ги испорача условите за прием, Македонија има 18 месеци за реализација – ММС
ММС

Објавено на: 08/21/18 10:13 AM

НАТО ги испорача условите за прием, Македонија има 18 месеци за реализација

Реформите во судството, спроведување на внатрешните процедури во однос на договорот за решавање на прашањето за името, обезбедиување поголема отчетност и соодветен надзор над разузнавачките и безбедносните служби, проверка на внатрешните процедури за испраќање на вооружени сили во странство… се дел од упатствата што Владата на Република Македонија ги прими од НАТО, а кои треба да се исполнат во временски период од 18 месеци.

Министерствата, во координација со Владата, ќе мораат да исполнат голем број економски, политички, безбедносни и судски услови, кои треба да бидат реализирани до крајот на април 2020 година.

Во документот испратен од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, меѓу политичките услови што Македонија треба да ги усвои, се нагласени бројни услови од областа на одбраната и армијата. Меѓудругото, се нагласува потребата да се осигура дека нема уставни или законски ограничувања што би можеле да ги попречат колективните одбранбени операции, да се осигура дека сите стратешки насоки за развој, трансформација и функционирање на националниот систем на одбрана и способностите се во согласност со идното членство во НАТО.

Како еден од условите на НАТО се забележува дека Министерството за одбрана треба да почне со спроведување на плановите за реструктуирање и модернизација на вооружените сили со цел постигнување на планираните воени капацитети и развивање на поспособни, расположливи и одржливи сили способни да придонесат на мисиите на Алијансата. Се бара одржување на нивото на расходи за одбраната што е доволно за поддршка за преструктуирање и модернизација на вооружените сили, што ќе овозможи ефективен придонес кон Алијансата.

Разговорите меѓу Македонија и НАТО се очекува да почнат следниот месец, а можно е да траат до април 2020 година, кога се очекува финализација, преку ратификација од страна на земјите членки и Македонија.