Нека не ве лечат лекари „фантоми“: Ќе се доистражува случајот со починатата ковид пациентка – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/21 12:35 PM

Нека не ве лечат лекари „фантоми“: Ќе се доистражува случајот со починатата ковид пациентка

Матичниот лекар е тој кој има ексклузивно право да дава препораки за лекување на пациентот во домашни услови. Тоа е единственото нешто што е можно и едиственото нешто што системот го препорачува и дозволува. Ова го изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче коментирајќи го случајот со ковид пациентката која починала во ковид центар само неколку часа откако била примена, а претходно „фантом“ лекар дома и’ давал инфузии за кои нема никаков извештај.

-Уште немаме доволно информации, треба дополнително да се истражи. Тоа што вчера го добив како информација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат е дека увид е направен кај матичниот лекар на пациентот, дека случајот е пријавен од страна на лекар кој го примил пациентот во Болницата „Осми септември“ и констатирал ваква состојба. Ни требаат повеќе податоци, во следните денови ќе известиме. Ќе истражи и Санитарниот инспекторат во делот на тоа што е примено, документацијата во „Осми септември“, МВР е известено и во следните денови ќе известиме – посочи денеска Филипче.

Во врска со овој случај кој вчера го обелоденија од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, тој одговори на новинарско прашање кој може да лекува дома:

„ Ексклузивното право да комуницира и да дава препораки за лекување во домашни услови го има матичниот лекар, поради можноста 24 часа да комуницира со пациентот, да направи проценка на состојбата, да каже дали е за домашно лекување или евентуално да го препрати кај лекар специјалист или за хоспитализација“.

Тој додаде дека ковид-19 е тешка болест и важно е секогаш да се консултира лекар, бидејќи нема еден универзален протокол за лекување.

„Видовме многу различни сценарија, нагли влошувања. Повторно да упатам порака – дека единствено во комуникација со матичен лекар или лекар специјалист треба да се дефинираат начините на лекување“, изјави Филипче.

Сличен апел вчера до граѓаните упати и директорката на овој Инспекторат, Ирина Бухова, порачувајќи да не се прифаќа лекување во домашни услови, ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да се побара пишан документ за терапијата и начинот на лекување.

 

(В. Ми)