„Ти дали можеш ова да го направиш?“, ме праша брат ми додека го пиевме попладневното кафе, покажувајќи ми една рачно изработена слика со конец од срма. „Јас се насмеав загадочно и си помислив-зошто па да не, сигурно можам. И веднаш се фатив со работа. Ги обезбедив материјалите и на едно мало масиче во ќошот на дневната соба, си направив работно катче. Тука се „роди“ мојата прва слика од срма со мотив-пеперутка“, вели Анета Димоска (57) од Прилеп, сопственичка на „Нети Арт“, која веќе петта година изработува уникатни слики со конец од срма и светки, кои красат многу домови во земјава, но и странство.
Филигранската техника на изработка на овие Димоска ја практикува во три-де техника. Материјалите (конците во разни бои, иглите, силиконот, лепилото, светките, кадифето) ги набавува од специјализирани продавници за уметнички ракотворби во Прилеп и во Скопје. Исклучиво дрвените рамки ги порачува, според одредени димензии, во најголем дел се 23/23 цм. Повеќето од сликите се изложени за продажба во спомен куќата „Мајка Тереза“ во Скопје, како и во продавници во Прилеп, Крушево, Охрид. За сликите со црковни мотиви има многу голем интерес кај странците, кои не прашуваат за цена, посочува Димоска.
„Слики правам и по порачка. Луѓе ми нарачуваат за разни поводи, дипломски, матурски или со мотиви поврзани со професијата (велосипед, виолина, микроскоп…) Во најголем дел моите слики се со црковни и со мотиви од историски артефакти, а до сега најбарана слика за подарок е со мотив пеперутка“, вели таа за ММС.мк. Додава дека, везењето со срма на кадифе, не е ниту лесна, ниту едноставна работа која бара истрајност, „мирни“ раце и одморени очи. Одблесокот од конецот е силен како швајцување, а очите треба да бидат секогаш одморни за да се долови вистинскиот ефект на мотивот. Зависно од мотивот, изработката може да трае и по 15 цели денови, но сепак, за Димоска сликањето ја исполнува и смирува.
„Иако според образование сум правник, никогаш не ја работев таа професија во изминатите години, пред сѐ, затоа што одамна почуствував дека уметноста, во сите нејзини форми, е дел од мене, она што ме привлекува и исполнува во животот и тука можам да се пронајдам себе си“, вели таа. „Средбата“ со уметноста во себе ја почуствувала уште како ученичка во основно образование, кога наставникот по ликовно неа и уште една ученичка ги ангажирал да цртаат на големи паноа по повод некој празник или манифестација во Прилеп, кои потоа се лепеле на разни места во градот.
Идеите оттогаш, со текот на годините, почнаа постојано да се раѓаат и да се множат.
„Секогаш сум полна со нешто ново, поинакво и уникатно.
Сликав портрети, слики со разни мотиви на платно, на стакло, на хартија… со разни техники. Изработував од глинамол разни украси, свеќници, пепелници, вазни…украсни букети од „скелети“ од листови од дрво, корици за нотеси од разни органски материјали, како и верски мотиви насликани на дрвени топиари“, посочува Димоска и додава дека сликите на топиари бараат многу време, најмалку еден месец. Прво треба да се најде дрвото, да се подготви и заштити од секаков вид на распаѓање и на крајот да се наслика. Овие неколку слики сѐ уште ги чува дома. На прашањето, зошто не се обиде да ги продаде, вели: „Не знам колкава цена да им ставам. Како да ставиш цена на нешто во кое толку многу си вложил и труд и време“.
Веќе од поодамна „произведува“ и козметика сапуни, креми за лице, за раце, пред сѐ за себе и за семејството, а ги подарува и на свои блиски роднини пријатели. Таа вели дека природата отсекогаш ја инспирира и ѝ дава нови идеи.
„Козметиката ја правам од масло и екстракт од билки кои ги одгледувам на мојата градина што ја негувам само со органско ѓубриво и слама, веќе 20 години, никогаш со петициди и хемикалии. Одгледувам и еколошки зеленчукот и овошје заедно со сопругот, кој ми е поддршка и помош во работата во секоја смисла. Производите никогаш не се прскани со хемикалии, туку ги заштитувам со раствор од коприва и гавез“, објаснува Димоска.
Дали се соочува со конкуренција? Секако, има конкуренција, вели таа, но тоа воопшто не ја загрижува. „Многумина почнале и се откажале по кусо време. Не секој може да истрае во оваа прецизна техника која бара многу љубов, време и трпение. Јас ова ќе го правам сѐ додека ме инспирира“, вели таа на крајот на нашиот разговор, со поглед во очите кој како да почна да талка по некои нови уметнички предизвици.
Маја Томиќ
Фото: Ева Димоска