Честитка од Мицкоски по повод Курбан Бајрам – ММС
ММС

Објавено на: 08/21/18 8:52 AM

Честитка од Мицкоски по повод Курбан Бајрам

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска по повод празникот Курбан Бајрам испрати честитка до Поглаварот на Исламската заедница во Република Македонија, Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи.

Хуманоста и меѓучовечката љубов се симболите на овој празник. Богатството во Македонија е во различностите на верите, културите и традициите. Соживот и толеранција се основите работи кои мора и треба да им го оставиме на идните генерации. Само така ќе продолжиме да градиме заеднички живот во Македонија, темелен на почитување и заеднички напредок. Наша заедничка мисија треба да биде градење на просперитет и благосостојба на секој граѓанин кој живее во Република Македонија преку разбирање на неговите чувства и традиции – наведува Мицкоски во честитката.

Да се стави крај на поделбите, омразата и сегрегацијата, на општество кое што е како со нож поделено, да не се креираат теми кои во својата суштина се непотребни, а создаваат негативни емоции и повреда на нечии чувства. Да се фокусираме на она што е подеднакво важно за секој еден граѓанин без разлика на верата и етничката припадност, а тоа е потребата за подобар живот. Граѓаните се обединети во маката и во потребата за решавање на нивните проблеми – додава тој.

Добрите дела не познаваат разлики, туку се израз на сплотеност и заедништво. Духот на солидарноста кој е симбол на овој празник нека ги води сите верници и оваа година и нека биде поттик кон добри дела како кон блиските, така и кон соседите, непознатите, посиромашните и болните. Нека празничните мигови донесат среќа и надеж, но исто така радост, бериќет и успех – се посочува во честитката од опозицискиот лидер.