Нафтените деривати од ноќеска на полноќ поскапуваат од два, до два ипол денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 ќе бидат поскапи за два денара, а дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство за 2,5 денари.
Така, од полноќ новата цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 75,5 денари за литар, додека литар Еуросупер БС-98 ќе чини 77,5 денари. Дизелот од полноќ ќе се продава за 67,5 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство за 67 денари.
Мазутот поскапува за 1,630 денари за килограм и согласно новата одлука на РКЕ, ќе чини 42,761 денари за килограм.
Новото поскапување на нафтените деривати, од РКЕ го објаснуваат со зголемувањето на цените на нафтата на светските берзи во изминатите седум дена.
(МИА)
Објавено на: 10/12/21 12:21 PM