Германија ја понижи македонската фудбалска репрезентација пред гледачите на националната арена “Тодор Проески“ со победа од 4-0 со што и се реваншираше за поразот во Дуисбург од пред шест месеци во квалификациите за СП 2022.
„Панцирите“ се пласираа на Светското првенство во Катар откако му го нанесоа првиот пораз на селекторот Боби Милевски и сега опуштени ќе влезат во последните два натпревара од овој циклус.
Хаверц го отвори резултатот, а потоа Вернер со два и младиот Мусијала со еден гол ја запечатија победата и пласманот во Катар.
Германците им го расипаа и јубилејниот 50-ти настап за Македонија на Столе Димитриевски, Езгјан Алиоски и Кире Ристевски кои добија специјални дресови од ФФМ со бројот „50“ во чест на нивната верност кон „црвено-жолтиот“ дрес.
За разлика од нив, на Македонија не и остана право на кикс во следните дуели, на гости кај Ерменија и дома со Исланд, со таа разлика што сега ќе зависиме и од резултатите на другите селекции.
Романија ја совлада Ерменија и пред себе има „автопат“ до баражот за СП2022 во кој се пласираат најдобрите второпласирани селекции. Тие се домаќини на Исланд, па гостуваат кај аутсајдерот Лихтенштајн. Дури и да славиме на следните два меча, ќе треба Романија да киксне на еден од нив затоа што ќе стартува со бод повеќе од нас. Романија има 13 бода, а Македонија и Ерменија по 12 во трката за второто место.
фото: Facebook, FFM