Германците не простуваат грешки, а тоа малку што ќе ни го дадат мора да го искористиме, вели капитенот Стефан Ристовски – ММС
ММС

Објавено на: 10/11/21 9:13 AM

Германците не простуваат грешки, а тоа малку што ќе ни го дадат мора да го искористиме, вели капитенот Стефан Ристовски

Македонската фудбалска репрезентација вечер на националната арена „Тодор Проески„ од 20:45 часот е домаќин на Германија во натпревар од 8. коло Ј-група во квалификациите за Светското првенство 2022.

Стадионот е распродаден, ќе присуствуваат 16.000 гледачи (50% од капацитетот поради ковид-19 протоколите) и тие ќе имаат можност да бидат сведоци на евентуално ново изненадување против Германија.

На првиот меч од квалификациите, Македонија со 2-1 ја совлада Германија на теренот во Дуисбург.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски најавуваат голема борбеност и обид за ново изненадување против силниот противник кој веќе еднаш беше совладан во овој циклус.

Капитенот Стефан Ристовски на официјалната прес-конференција во пресрет на мечот побара дисциплинирана игра.

-Германија е врвот на светскиот фудбал и треба да се одговори со тактичка и физичка дисциплина. Гигант како Германија не простуваат грешки, ти даваат многу малку и тоа треба мора да се искористи. Тие за мене се најголемата репрезентација на светот. Спортски е да се надеваш на успех, но секој меч, секој ден е нешто ново. Како искусен играч мора да кажам дека мора да се искористи сè што ќе ни се пружи, рече Ристовски.

На другите две средби од ова коло играат: Романија – Ерменија и Исланд – Лихтенштајн. Првиот меч е важен за нас затоа што евентуално реми во Романија и поволен резултат на Македонија вечерва, ќе ги стави избраниците на Милевски во пол-позиција за пласман на второто место кое носи во баражот за СП2022.

О.К.

фото: Вангел Тануровски