Цените на половните возила во земјава растат поради недостатокот на чипови и полуспроводници – ММС
ММС

Објавено на: 10/10/21 8:22 PM

Цените на половните возила во земјава растат поради недостатокот на чипови и полуспроводници

Недостатокот на компјутерски чипови и полуспроводници во меѓународни рамки доведе до проблеми во автомобилскиот сектор на глобалноо ниво. Проблеми кои што веќе почнуваат да се чувствуваат и во земјава. Најавите дека недостатокот на чипови ќе потрае до втората половина од 2022 година, доведе до тоа во Велика Британија продажбата на возила во септември да опадне за 34,4 отсто, односно бројот на регистрирани нови возила бил на најниско месечно ниво за периодот од 1999 година до денес, јавува „Скај Њуз“.

Проблемот со компјутерски чипови и полуспроводници трае веќе една и пол година, поради што дел од фабриките за производство на возила се затвораат. Ова значеше намалување на понудата на автомобили, што пак предизвика зголемување на цените на возилата. Во развиените земји, како што се Велика Британија и Германија, медиумите јавуваат дека расте бројот на купувачи кои во моментов се откажуваат од набавката на ново возило, поради тоа што не можат да го купат оној модел што го посакуваат.

Тоа што производството на нови автомобили е забавено значи дека граѓаните во развиените западноевропски земји ги задржуваат своите стари возила, што пак повлекува и намалување на понудата за продажба на половните возила во странство. Ова ја качува цената на старите возила кои се на продажба.

Во Македонија, над 80 отсто од увозот на автомобили и други моторни превозни средства се вбројува во групата на половни возила. Тие се и најбарани од граѓаните кај импортерите во земјава.

Иако последиците од глобалниот недостаток на чипови и полуспроводници влијае на пораст на цената на возилата кај нас, точни бројки не може да се прецизираат.

Од специјализираниот салон за продажба на половни автомобили FAIRAUTO за „Мета.мк“ велат дека ваквиот недостаток на делови дефинитивно влијае и на зголемување на побарувачката на користени возила во земјава, но и цените на возилата имаат тенденција да растат.

„Не постојат точни податоци за пазарот на користени возила, па е многу тешко овој пораст да се квантифицира“, посочуваат од FAIRAUTO.

Тие додаваат дека нивната компанија се занимава исклучиво со продажба на користени возила кои се увезени како нови во Македонија, по системот „старо за ново“, и како претходно користени службени возила.

Поскапувањето на половните возила може да се забележи и на онлајн огласите, каде се продаваат автомобили. Со пребарувањето што го направи „Мета.мк“, може да се увиди благ пораст на цената на возилата, и тоа кај цената која граѓаните ја побарале за иста марка на возило пред неколку месеци наспроти денес.

Инаку, „Мета.мк“ веќе пишуваше дека во првото полугодие од годинава бројот на увезени возила во земјава бил повеќе од двојно зголемен во споредба со периодот јануари-јуни 2020 година, кога беше забележано намалување на увозот поради ковид-19 пандемијата. Бројките на Царинската управа на РСМ за јули и август 2021 година пак покажуваат дека увозот на возила од странство бил речиси идентичен во споредба со истиот период од 2020 година.

мета.мк

foto-24auto.mk