Тим торакални хирурзи при Клиничката болница во Тетово минатата недела за прв пат изведе ВАТС унипорт (VATS uniport) операција кај пациент со хронична проблематика на белите дробови. Станува збор за операција која се прави само низ еден отвор во градите со употреба на видео систем со камера.
-Екипата на торакална хирургија од Тетово успешно ја изведе првата VATS uniport ресекција на бел дроб кај пациент со хронична проблематика, каде постоеше апсолутна индикација за операција. Интервенцијата беше изведена преку оперативен рез од пет сантиметри, а пациентот беше пуштен на домашно лекување по три дена во добра општа состојба. Благодариме на целиот тим кој беше вклучен во отворањето на ова ново поглавје. Се надеваме дека оваа мултидисциплинарна соработка ќе придонесе за успехот на нашите следни предизвици, информираат од тетовската клиничка болница.
Претходно во март годинава за прв пат во Клиничката болница во Тетово беше извршена торакална (градна) оперативна интервенција – ресекција на тумор на второ десно ребро на предниот дел од градниот кош.
MIA