„Денес е Марко, утре е Петко, Станко“ – Бислимоски се советува со адвокатите дали да го тужи Џафери – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/21 3:27 PM

„Денес е Марко, утре е Петко, Станко“ – Бислимоски се советува со адвокатите дали да го тужи Џафери

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски денес на прес конференцијата беше прашан дали се консултира со своите адвокати да поднесе приватна тужба против Џафери, кој физички го нападна во Скопје.

– Постапката е во тек, ќе ги советувам моите адвокати и ќе видиме како ќе го решиме тој проблем во наредниот период и како ќе постапам. Напаѓачот не ми се извини мене и воопшто не е битно дали ќе ми се извини или не. Треба да се извини на институцијата, бидејќи јас ја претставувам институцијата. Марко е денес, утре ќе биде Петко, Станко, треба да имаме сите во оваа држава однос кон институциите, бидејќи институциите ја чинат државата. Интересот на државата е секогаш најбитен и ќе остане вечно, рече Бислимоски.

Тој во вторникот вечерта во една скопска кафеана беше физички нападнат Аријанит Џафери, кој поседува лиценца за продажба на електрична енергија, но за неа РКЕ почнала постапка за одземање поради неисполнување на обврските од договорот за снабдување кај дел од корисниците.