Двајца новинари се добитници на годинешната Нобелова награда за мир – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/21 11:19 AM

Двајца новинари се добитници на годинешната Нобелова награда за мир

Нобеловата награда за мир годинава им припадна на филипинската новинарска Марија Реси и рускиот новинар Димитриј Муратов за нивните напори во насока на заштита на слободата на изразување, што е предуслова за демократија и траен мир.

Во одлуката на Комитетот се наведува дека Марија Реса и Димитриј Муратов се претставници на сите новинари кои се залагаат за идеал во свет во кој демократијата и слободата на медиумите се соочуваат со се понеповолни услови.

„Марија Реса ја користи слободата на изразување за да разоткрие злоупотреба на моќта, употреба на насилство и растот на авторитарноста на Филипините. Таа е косопственичка на „Раплер“, медиумска куќа за истражувачко новинарство. Реса успеа да привлече внимание кон контроверзната и убиствена кампања на претседателот Дуерте против наркотиците.“ Како новинарка и директорка на „Раплер“, Реса покажа дека е бестрашен борец за слободата на изразување.“

„Димитриј Муратов со децении ја брани слободата на говор во Русија, во се потешки услови. Во 1993 беше еден од основачите на независниот весник „Новаја газета“. Новинарството базирано на факти и професионалниот интегритет го направија весникот важен извор на информации за цензурираните делови на руското општество, ретко споменувани од други медиуми. Од почетокот на работата на медиумот, шест негови новинари се убиени. Покрај убиствата и заканите, главниот и одговорен уредник Муратов одби да ја промени  политиката на независност на медиумот“

Нобеловата награда за мир е инаку единствената која се доделува во Осло. Таа претставува признание кое им се доделува на поединци, групи и организации кои имаат посебни заслуги за спојување на народите, смалување на воените потенцијали и разоружување, како и за промовирање мир и образование.

Минатата година Нобеловата награда за мир ја доби Светската програма за храна.

Наградата се доделува од 1901, секоја година на 10. декември во Осло, на годишнината од смртта на Алфред Нобел.

 

фото: принтскрин