Утре завршува пријавувањето за гласање на болните и на немоќните, а на 11 октомври на лицата со ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/21 9:37 AM

Утре завршува пријавувањето за гласање на болните и на немоќните, а на 11 октомври на лицата со ковид-19

Финишираат активностите за локалните изборите кои ќе се одржат на 17 октомври, како на ДИК така и на учесниците. Први своето право на глас ќе го искористат лицата кои ќе се пријават да гласаат како болни и немоќни, болни од ковид-19 или кои се во самоизолација, потоа затвореници, лица во притвор, во стaрски домови и внатрешно-раселени лица.
Тие ќе гласаат ден претходно, на 16 октомври, а за нив утврдувањето на идентитетот и проверката дали веќе гласале, нема да се врши со уреди за биометриска идентификација, туку со спреј и УВ ламба.
Пријавувањето до општинските изборни комисии за гласање на болните и немоќните завршува утре, 9 октомври, на полноќ, додека рокот за лицата со ковид -19 или во самоизолација, е до 11 октомври на полноќ.
За лицата во самоизолација предвидено е Општинската изборна комисијада собере податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за оние кои се пријавени да гласаат, според член 111-б став (1) од Изборниот законик. ДСЗИ е должен во рок од 24 часа од барањето да ги достави до ОИК податоците за нив. Избирачите кои се во куќен притвор, а сакаат да гласат, преку овластен полномошник ќе ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање (13 октомври на полноќ). Оние кои на денот на гласањето се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа, гласаат во истата установа, еден ден пред денот определен за одржување на изборите, по претходна пријава до одговорното лице на установата. Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор на чија територија се наоѓа установи за вонсемејна грижа, на 16 октомври.

(МИА)