Ќе градиме амбасада во Атина, од државната каса се одобрени 1,3 милиони евра, објави Османи – ММС
ММС

Објавено на: 10/7/21 11:41 AM

Ќе градиме амбасада во Атина, од државната каса се одобрени 1,3 милиони евра, објави Османи

Ќе се градат амбасади во Атина и во Анкара, а ќе се реновираат неколку ДКП, најави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. МНР го започна проектот за ставање во функција на имоти наследни од поранешна СФРЈ во наша дипломатско-конзуларна мрежа. При тоа ќе бидат реновирани повеќе објекти што се користат како дипломатско-конзуларни претставништва, а ќе се градат и нови згради на амбасади во Атина и во Анкара, за што се одобрени средства од Владата, најави на прес-конференција Османи.
Одлуката е донесена пред две недели на Комитетот за сукцесија на листата на имоти кои ги доби државава со сукцесија на имотот на поранешна Југославија, при што се потврдени имотите во Бразилија, Њу Делхи и во Трст, со што се зголеми листата, покрај објектите во Париз, Атина, Камбера, Хараре, Њу Делхи и Рим. Повеќето од овие имоти остануваат неискористени, додека државата плаќа кирии и заеми за амбасади и за резиденции на амбасадорите.
„МНР веќе почна проект за реализација на следните фази. Во Атина ќе се гради нова aмбасада, каде ќе биде сместен и културно-информативен центар, резиденција на амбасадорот и станови за дипломатите. Со тоа, околу 150 илјади евра годишно кои се трошат на овие ставки, ќе бидат заштедени, затоа што ќе имаме наш објект кој го добиваме како дел од поранешната амбасада на Југославија. Вредноста на овој проект е околу милион и триста илјади евра“, нагласи Османи, додавајќи дека проектот е во фаза на проектирање и се очекува идната година да почне изградбата на амбасадата.
„Имајќи ги предвид новите односи со Грција, сметавме дека особено е значајно во Атина да имаме наш репрезентативен објект“, рече Османи.
Во Цирих, после неколку неуспешни обиди за продажба и замена на објектот, одлучено е тој да се реновира и во него да биде отворено конзуларно одделение, со што десетици илјади наши граѓани од дијаспората нема да имаат потреба да патуваат до Берн за конзуларни услуги. Османи рече дека е избрана компанија која веќе почнува со активности за реновирање на објектот. Неискористен е и објектот во Канбера, кој исто така е добиен со сукцесијата, додека државата плаќа наемнини за станови на дипломати и за амбасада. Започнат е процес за проектирање, реновирање и доградба на овој објект, за постојано наше претставништво и станови за дипломатите, со што според Османи, исто така ќе се заштедат стотици илјади евра годишно.
Објектот во Хараре, каде што државата нема претставништво, ниту планира да има, ќе се продаде, за што веќе е почната постапка. „По пат на реципроцитет добиено е земјиште во Анкара, во репрезентативниот дел каде се наоѓаат амбасадите, од околу осум илјади квадратни метри. Почнавме постапка за партнерство со други држави да изградиме објект во кој ќе имаме и наша Амбасада“, појасни министерот. За Амбасадата во Будимпешта, објект кој по купувањето почнал да се распаѓа и не е во функција, одлучено е да се реновира и надгради и во него да има простор за сместување на нашите дипломати.
„Ќе стигнеме до околу 22 објекти во рамки на нашата дипломатско- конзуларна мрежа кои се сопственост на државата. Тоа е веќе половина од нашите дипломатско-конзуларни претставништва. Наша идеја е секаде каде имаме дипломатско-конзуларно претставништво, да имаме наша амбасада, објект и станови за дипломатите“, рече Османи.

(MIA)