„АД ЕСМ ќе го засили ископот на јаглен според максималните капацитети, а побарувачката на електрична енергија е таква што пресметките покажуваат дека и со количствата набавен јаглен поисплатливо е да се произведува и да се продава струја“, изјави генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Тој истакна дека со високите цени на струја на берзите, кои ќе се задржат и во следните месеци, па и во текот на следната година, поевтино и посигурно е да се набави јаглен и да се произведе електрична енергија, отколку да се увезува по енормни цени и да се ризикува дали ќе ја има доволно.
„Цените на електричната енергија на регионалните берзи се за трипати зголемени, и од 56 евра за мегават-час до пред неколку месеци, сега се движат меѓу 140 и 170 евра за мегават-час и нема најава дека ќе се намалат. Со нашиот план за ископ на јаглен и производство на струја, АД ЕСМ има стабилно производство и ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на домаќинствата, по цена значително пониска од пазарната, со цел да не се почувствува ценовен шок кај граѓаните. Но, за разлика од домаќинствата, стопанството, стопанските субјекти, се снабдуваат на слободниот пазар, и поради енормниот пораст на цените на берзите, стопанството се соочува со опасност од голем ценовен удар на еден од главните енергенси и ресурси кои ги користи, а тоа е струјата“, нагласи Ковачевски.
Тој додаде дека е планирано е дополнително производство од декември годинава, до април 2022 година, за што АД ЕСМ објави меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на третиот блок во РЕК Битола, како и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј.
Со произведената енергија ќе се зацврсти електро-енергетскиот систем, а вишоците на струја АД ЕСМ ќе ги продава на слободниот пазар со што ќе оствари дополнителен приход. Новите количества на електрична енергија што ќе се произведе од јагленот што ќе се набави, ќе ја понудиме на стопанските субјекти по повиоски цени од оние кои се нудат на ЕВН Хоум за домаќинствата.
„Со тоа ќе оствариме приход, а ќе го стабилизираме и ценовниот шок на кој сега се изложени и уште повеќе ќе биде изложено стопанаството, како и институциите кои со струја се снабдуваат на слободниот пазар. Набавката на јаглен и зголеменото производство на АД ЕСМ ќе значи и зголемување на домашниот БДП, поттикнување на компаниите и бенефит за стопанството“, рече Ковачевски. Тој информира дека во изминатиот период одредена количина јаглен била набавена од Косово за потребите на ТЕЦ Осломеј, а се очекува на сегашниот тендер да се набави од државите во регионот.
(МИА)