Тест периодот на преземање на водата од Злетовица во Штип под мониторинг на шест институции – ММС
ММС

Објавено на: 10/6/21 2:13 PM

Тест периодот на преземање на водата од Злетовица во Штип под мониторинг на шест институции

Веќе три недели се спроведува тест периодот на преземање на водата од Хидроситемот „Злетовица“ во надградената филтер станица во Штип. За пошироката јавност и граѓаните на Штип да имаат појасна слика, прашавме што подразбира тестирањето и веројатно главното прашање, што се случува со водата, која од Хидросистемот влегува во филтер станицата.

На 15 септември кога беше означен почетокот на тест периодот, беа кажани детали за надградената филтер станица, која сега е оспособена за прием и преработка на водата од „Злетовица“. Директорот на ХС „Злетовица“, Миле Илиевски објаснува дека во тек се неколку различни процеси, кои во основа имаат една цел на крај, непречено прифаќање, преработка и испорака на планинската вода до крајните корисници – граѓаните на Штип, институциите и индустријата. Водата сега само поминува низ системот и завршува надвор, во почвата.

-Првата цел на тест периодот е усогласување на опремата. Потоа калибража на опремата врз основа на параметрите и карактеристиките на водата од „Злетовица“, усогласување на двата система – тој на „Злетовица“ и на филтерницата Штип. Во меѓувреме ќе следи обуката на вработените во филтер станицата во Штип, со уредување на редовната комуникација меѓу луѓето од двата системи на дневна база, вели Илиевски.


теренски мерења

Додека тече тест периодот, приемот и квалитетот на водата е под строг мониторинг на повеќе институции, вклучувајќи ги и внатрешните лаборатории. Квалитетот на водата се контролира од Институтот за јавно здравје од Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Центарот за јавно здравје во Штип. Подготвените анализи се праќаат во Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за заштита на животната средина. Врз основа на овие анализи во целиот тест период, до ЈП „Исар“ сите овие институции даваат мислење за квалитетот на водата и подготвеноста да се испорача до граѓаните.

Водата од 50 литри во секунда што се испорачува до ЈП „Исар“, „Злетовица“ не ја наплаќа, но количините ги пријавува до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Во тест периодот се мерат неколку параметри, меѓу кои и матноста. Првиот тест за матноста, се очекува да го има наредните денови, за кога метереолозите ги најавија првите есенски дождови.

Како што обаснува Илиевски, матноста на водата во Зафатот 3, од каде почнува цевководот до Штип, изнесува меѓу 2 и 3 NTU, меѓутоа, во дождливи денови достигнува и до 1000, 2000 па и 3000 NTU. Во тој случај филтер станицата може да биде исклучена, додека водата да се избистри, бидејќи нерентабилно е да се преработува водата, бидејќи од 100 литри во секунда, обично се користат само 10 литри. Поради тоа, Штип има алтернатива, да ги вклучи бунарите во реката Брегалница, со кои сега се водоснабдува градот.


Брана Кнежево

Колку ќе трае тест периодот, ќе зависи од институциите кои го вршат мониторингот и секако од усогласеноста на филтер станицата во Штип.

Општината Штип е најголемата општина во регионот, која се очекува да почне да ја презема водата од „Злетовица“. За таа цел, Владата инвестираше близу 6 милиони евра во надградба на филтер станицата. Граѓаните на Штип со години се водоснабдуваат од рени бунарите во реката Брегалница.