Директна помош за граѓаните и измени во даночната политика. Тоа се некои од краткорочните решенија кои ги предлага Европската комисија поради состојбата со растот на цените на енергенсите со кој се соочува светот, пренесува агенцијата Хина.
„Шокот од растот на цените значи неочекувана криза во критичен период“, изјави Кадрин Симсон, државната секретарка за енергетика во Европската комисија, која најави дека високите цени на гасот ќе останат до идната пролет.
„Побарувачката и цените се високи во целиот свет и невозможно е ЕУ да остане имуна на тоа“, предупреди Симсон и најави дека Комисијата идната недела ќе го претстави пакетот мерки кој државите членки ќе треба да го спроведат во склад со европските закони, со цел да се намалат социјалните последици од растот на цените на енергенсите.
Меѓу тие предлози е и директна поддршка на најзагрозените корисници, намалување на енергетските даноци и пренасочување на трошоците за енергенси на општи даноци. Според Симсон, ако не се дејствува, би можело да се загрози европското економско заздравување после ковид пандемијата.
Комисијата го анализира и предлогот на европските политичари за заедничка набавка на гас со што би се спречило државите членки да бидат меѓусебна конкуренција при набавката на енергенсите. Симсон како долгорочна потреба ја нагласи диверзификацијата на европските извори на енергенси, интеграција на пазарот, јакнење на капацитетите на резерви на енергенси и побрз премин кој обновливите извори на енергија (ОИЕ). Таа нагласи дека растот на цените не е поврзан со зелените политики и ОИЕ не се извор на нестабилност на пазарот.
„Најдобар одговор е до 2030 година, 65 отсто од струјата да биде од ОИЕ“, заклучи Симсон.
Енергетската криза во Европа е комбинација од економското заздравување на светската економија по корона кризата, намалената снабденост и рекордно ниските резерви на гас на континентот, како и зголемената побарувачка од другите делови, како Источна Азија, каде се наплатува повисока цена за енергенсите.
Европа е се позависна од природниот гас, поради напуштањето на јагленот и нуклеарната енергија, а Русија и Норвешка поради технички причини мораа да ги намалат своите испораки.
Извор: https://balkans.aljazeera.net/