Австриската полиција врши претреси во седиштето на партијата на канцеларот Курц – ММС
ММС

Објавено на: 10/6/21 11:08 AM

Австриската полиција врши претреси во седиштето на партијата на канцеларот Курц

Австриските истражни власти спроведоа претрес на повеќе станови на лица кои имаат врски со владеачката Народна партија на Австрија (ОВП), на канцеларот Себастијан Курц.

Претресено било и седиштето на партијата, а според весникот „Пресе“ истражните органи извршиле претрес и во седиштето на канцеларот.

ОВП изминатите денови јавно шпекулираше дека би можело да дојде до дејствија од страна на истражните власти, пренесува „Танјуг“.

Претресите како што истакнуваат медиумите имаат врска со истражниот одбор на парламентот, во врска со корупциските афери „Ибица“ и истрагата во врска со „Казина Австрија“.

„Пресе“ тврди дека истрагата се води во врска со наводни плаќања за „разубавување“ на истражувањата на јавното мислење од дневниот весник „Естерајх“.

Заменичката на генералниот секретар на ОВП, Габриела Шварц, преку соопштение истакна дека повеќе недвижности на лица блиски до партијата биле претресени.

Според „Пресе“ покрај кабинетот на канцеларот претресени се и станови на негови блиски соработници, меѓу кои и станот на портпаролот на канцеларот, Гералд Флајшман.

 

извор:политика