Припадници на француското католичко свештенство сексуално злоупотребиле над 200 илјади малолетни лица во последните 70 години, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на истражување спроведено во рамките на независна истрага за злоупотреби во црквите. Овој значаен извештај проценува дека 210.000 малолетници биле малтретирани во периодот меѓу 1950 и 2020-та година. Овој број се зголемува на 330.000 ако се вклучат жртвите на насилниците кои не биле свештеници, но биле поврзани со Црквата на други начини, како вработени во католичките училишта и програмите за млади – тврдат авторите на извештајот од Независната комисија за сексуална злоупотреба во црквата (CIASE).
Се проценува дека помеѓу 2900 и 3200 свештеници педофили работеле во Француската католичка црква од 1950-тите, изјавиле од Комисијата пред објавувањето на извештајот, пренесува Си-Ен-Ен.
До овие бројки се дошло благодарение на анкетата којашто за Комисијата ја спровел Францускиот национален инститит за здравствени и медицински истражувања. Институтот работел со истражувачката агенција IFOP на истражување на репрезентативниот национален примерок од повеќе од 28.000 луѓе постари од 18 години помеѓу 25 ноември ланската година и 28-ми јануари годинава.
Извештајот исто така го нотира и бројот на жртви кои преживеале малтретирање ширум земјите во текот на наведениот период на основа на бројот на испитаници кои рекле дека биле малтретирани. Националното истражување следи по јавниот повик за сведочење на жртви.
Претставувајќи ги наодите од истражувањето, претседателот на Комисијата истакна дека е поголема веројатноста децата да бидат малтретирани во установите на Католичката црква отколку во државните училишта или во летните кампови или пак, во кое било друго опкружување надвор од семејството. Проблемот бил системски, а сексуалното малтретирање не било ограничено на „неколку црни овци кои залутале од стадото“ – изјавил првиот човек на Комисијата, Жан-Марк Сува за Си-Ен-Ен.
„Кога беше известена за злоупотребувањето, Црквата не презеде строги мерки за да ги заштити децата“.
Претходно годинава претседателот на Комисијата за сексуални зблоупотреби во црквата изјави за Си-Ен-Ен дека се плаши дека е „можно жртвите да достигнат број од најмалку 10.000“. Сепак, се верува дека конечниот број на малтретирани малолетнии е преку 30 пати поголем од претходните проценки – покажува извештајот. Си-Ен-Ен не добил коментар од Француската католичка црква во врска со извештајот.
Извор: ba.n1info.com