Одлучна, храбра црвена боја на фустан во класичен стил – Како изгледаше првата дама Елизабета Ѓорѓиевска на средбата во Атина – ММС
ММС

Објавено на: 10/6/21 7:00 PM

Одлучна, храбра црвена боја на фустан во класичен стил – Како изгледаше првата дама Елизабета Ѓорѓиевска на средбата во Атина

Специјално за ММС од Атина, Орце Костов

Одлучно, храбро и достоинствено изгледаше првата дама Елизабета Ѓоргиевска додека го придружуваше претседателот Стево Пендаровски на првиот ден од дводневната историска посета на официјална Атина.

Првата дама за официјалната церемонија на пречек пред Претседателската палата од страна на Претседателот на Хеленската Република, госпоѓа Катерина Сакеларопулу и господин Павлос Коцонис, ја избра црвената боја која во хералдиката означува одлучност и храброст.

Од Кабинетот на претседателот ексклузивно за ММС објаснија дека изгледот на првата дама е резултат на соработката со дизајнерката Ирина Тошева.

– За првата официјална посета на претседателот Пендаровски на Грција, неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска се одлучи да го задржи својот автентичен класичен стил.  Фустанот во црвена боја, со дворедно закопчување кој ја следи линијата на телото, е резултат на соработката со дизајнерката Ирина Тошева – соопштија од Кабинетот.

Она што можеше да се забележи при пречекот кој беше организиран со сите државни почести, односно со интонирање на двете химни пред националната гарда, дека овојпат првата дама и претседателот не беа во склад со бојата како што беше случај при нивната посета во Загреб. Овојпат претседателот Пендаровски се реши за класичен костум со виолетова вратоврска. Оваа боја е една од најретките од природата и симболизира благородност, мудрост и независност. Светлата нијанса, каква што ја носеше претседателот, буди романтични и носталгични чувства.

На свечената вечера во претседателската палата која ја организираше претседателката на Хеленската република, Катерина Сакеларопулу во чест на македонскиот шеф на државата, првата дама се реши повторно да го задржи автентичниот класичен стил и избра едноставен, но елегантен виолетов фустан со долги ракави.

Претседателот Пендаровски, пак, се појави во црн костум, класична бела кошула и црна вратоврска.

фото: Кабинет на претседател/МИА