Рецензираме текст со наслов „Фон дер Лајен: Ако годинава не се реши спорот со Бугарија, ЌЕ ИМА РАЗДЕЛУВАЊЕ на Македонија и Албанија“. Ова е уште еден од бројните примери на прекршување на новинарските стандарди во предизборниот период, кога насловот е лага и нема никаква врска со текстот.
Текстот се однесува на одговорите на новинарските прашања од заедничка прес-конференција во Скопје, на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен со македонскиот премиер Зоран Заев. Иако насловот тврди дека С.Македонија и Албанија ќе бидат разделени во пристапувањето кон Европската Унија, никаде внатре во текстот нема наведено изјава која го поткрепува ова тврдење.
„Претседателката на ЕК во однос на прашањето дали доколку спорот со Бугарија не биде решен, пакетот Македонија – Албанија ќе биде разделен во декември или напролет, подвлече дека за Брисел сега е важно да се фокусира на испорачување резултати сега, односно до крајот на годината.“
Насловот кој значително се разликува од она што е напишано внатре во самата вест, значително влијае врз разбирањето на веста од страна на читателите, па тие се доведуваат во заблуда. Во случајов новинарот наместо да придонесе за подобро разбирање на темата преку внимателно разгледување на фактите и претставување на целиот контекст, тој создава намерно искривување на реалноста и со насловот шири дезинформација.
Новинарот со ова прекршува повеќе членови од Кодексот на новинари, меѓу кои и член еден и насоките 1.2 и 1.3 од Насоките за етичко известување во онлајн медиумите, во кои се вели:
„Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации“.
„Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документ“.
Впрочем претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, никаде во одговорот на прашањето „доколку спорот со Бугарија не биде решен, дали пакетот Македонија и Албанија ќе биде разделен во декември или на пролет“, не вели дека двете држави ќе се разделат.
„Мислам дека за нас сега е важно да се фокусираме на испорачување сега. Јас се фокусирам на тоа и сакам двете држави да започнат со преговорите и со меѓувладините конференции сега, до крајот на годината. Целосно сум концентрирана на тоа прашање“ – одговара Фон дер Лајен, која претходно истакна и дека се работи со двете страни, Бугарија и Македонија, за да се надмине пречката.
Претходно и од ЕК потврдија дека нивната позиција по ова прашање не е сменета.
Новинарот и медиумите во предизборниот период имаат нагласена одговорност за објективно и професионално новинарство, во функција на фер и демократска атмосфера, која граѓаните низ точни и проверени инфрмации ќе ги подготви за изборниот ден. Во овој случај, медиумот и авторот не одговараат на потребите на едно демократско општество.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.