Над 8000 деца ќе опфати скринингот во училиштата: За тестирањето ќе се бара согласност од родителите – ММС
ММС

Објавено на: 10/4/21 12:00 PM

Над 8000 деца ќе опфати скринингот во училиштата: За тестирањето ќе се бара согласност од родителите

Тестирањето на децата во училиштата ширум државава ќе се одвива со согласност од родителите. Оние ученици чии родители нема да се согласат, нема да бидат тестирани – најави денеска на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

„Според методологијата која ја изработивме во МЗ, во следниот период ќе бидат тестирани учениците во сите основни и средни училишта. Тоа се вкупно 8200 и согласно таа методологија, а тоа е согласно бројот на учениците од прво до петто и од шесто до деветто одделение и посебно средните училишта, оваа недела заедно со МОН ќе бараме писмена согласност од родителите. Таму каде што нема да добиеме согласност ќе се најде замена на некој ученик. Битно е со овој пресек да направиме репрезентативен примерок којшто ќе ни укаже дали ќе наидеме на некои асимптоматски случаи“, изјави Филипче.

Тој рече дека учениците ќе се бираат по случаен избор од регистерот на Е-дневник и така ќе се пристапи кон барање согласност од родителите.

„Овој процес би требало да заврши оваа недела, најдоцна на почетокот на следната недела и во текот на следната недела да почне тестирањето на учениците“, истакна ресорниот министер.

Според него, тешко е да се утврди дали има трансмисија во училиштата, бидејќи како што рече, децата се дружат и по часовите, но не се забележува зголемен број позитивни случаи меѓу нив.

„Целта на скринингот е да се откријат, ако има, асимптоматските случаи“, нагласи Филипче.

„Во однос на хоспиталниот третман, во континуитет има мал број хоспитализирани деца – 20 претходно, сега 15. Се хоспитализираат исклучиво во болницата во Козле. Има мал број на заразени и хоспитализирани деца, а и од хоспитализираните има деца чија клиничка слика не е тешка. Не очекувам отпор, се надевам дека ќе ја поддржат. Очекуваме да го завршиме во временски период од десетина дена до две недели“, додаде Филипче.

 

(В.Ми)