Ги освоивме првите 30 години – подготвени за нови 77! Среќен роденден Канал 77! – ММС
ММС

Објавено на: 10/4/21 9:57 AM

Ги освоивме првите 30 години – подготвени за нови 77! Среќен роденден Канал 77!

Точно во 10 часот, тој 4 октомври 1991 година првпат кажавме „Добар ден“ на фрекфенцијата 102,7 MhZ. Фрекфенциите се зголемија на 34, радиото стана радиовизија со мултиплатформско новинарство, но едно остана исто – магијата во етерот. Да, пред точно 30 години една група завршени студенти полни себе, водени од идејата на Горан Гаврилов, се одважи да понуди свеж, демократски здив прво во штипскиот етер, а потоа и во македонскиот. Почнавме по само 25 дена откако граѓаните на рефендум се определија за создавање на своја, независна држава.

За човек со 30 години се подразбира дека е доволно искусен и зрел за сериозни одлуки и доволно млад за нови почетоци. А што со радиото,кое зад себе остава цели три децении? Толку колку да се каже дека ги помина сите турбулентни времиња, заедно со државата на чија независност посведочи додека ги одбројуваше деновите на експериментално работење до закажаното отворање на 4 октомври.

Сепак, сакаме да зборуваме само за новите почетоци.Канал 77 како радио одамна се надмина себеси и наспроти прогнозите дека радиото како медиум ќе го снема, не само што живее туку има и нови форми. Веќе неколку години се обраќаме со: „Гледајте радио“ низ формата радиовизија. Деновиве подготвуваме нови студија, со нова модерна опрема, каде за почеток ќе го преселиме најдолговечниот проект „Стадион“ – емисија за вашата вистина.


Веќе денеска, кога го славиме 30-тиот роденден, почнуваме со новата програмска шема, која внесува утринско шоу со водителската двојка Христина и Мирко, а внесуваме и нова динамизирана шема во обележјето на Канал 77 –  информативната програма. Кратки вести, забава и многу, многу добра музика.

Почнавме со едно радио, продолжуваме со нови пет, тематски радиостаници. Го внесовме Радио С како придружно радио, ќе продолжиме со уште неколку нови. Канал 77 не е само единствен електронски бренд, туку одамна е познат по мултиплатформското радио со дигиталниот медиум во своето семејство –Македонски медиа сервис (mms.mk) со адуио, видео и пишани содржини.

Од пред еден месец, како дел од нашата платформа го внесовме проектот Супер 7 (super7.mk) со електронска продавница и фанклубот, кој деновиве ќе им биде понуден на сите наши верни слушатели и корисници сите овие години наназад.


Затоа што Канал 77 до ден денешен остана доследен на својата слушателска публика, да и’ угодува, да ја прашува што и’ е важно, да отслушнува дали добро и’ служи. Бидејќи јавноста секогаш била и останува најважниот наш сојузник.
Тоа најдобро го опиша основачот на радиото, Горан Гаврилов, во едно од своите бројни интервјуа:
„Главно оружје на еден медиум е јавноста. Не постои друг клиент, сите останати се слаби. Бидејќи сите пробаа да се договорат, да пратат порака, да ограничат, но ако ја ставите јавноста против нив никој не ти може ништо. Затоа, препораката до сите медиуми, па и граѓани е да ја користат јавноста, јавниот збор. Масата од 2 милиони луѓе е повеќе од извршната власт од 2000 луѓе и затоа нашето оружје е помоќно. Секако дека тоа нема да биде фер борба, бидејќи тие поседуваат финансии  и апарат, ние не поседуваме такво нешто, но демократијата секогаш победува  и затоа не смееме да очајуваме дека тоа е залудно потрошено време и пари“.
Горан не успеа да го дочека 30-тиот роденден на радиото на кое му го посвети животот, но знаеме дека некаде од горе ги гледа нашите нови почетоци, реализација на некои од неговите бројни идеи, кои ги имаше за наредните сто години, луѓето со нова енергија, кои им се придружија на искусните професионалци.
Канал 77 одамна е многу повеќе од бренд меѓу електронските медиуми. Ги поминавме првите 30 години. Подготвени сме за нови 30. И нови 60, секогаш на страна на јавноста, исправени во таа нефер борба, но, секогаш со верба за освојување на нови демократски простори, убедени дека времето на радиото никогаш не поминува.