Веледрогериите бесплатно ќе ги добиваат одобренијата за анестетици за домашни миленици – ММС
ММС

Објавено на: 08/20/18 11:52 AM

Веледрогериите бесплатно ќе ги добиваат одобренијата за анестетици за домашни миленици

Постапката за одобрување и ставање во промет на ветеринарните лекови ќе се скрати од 210 на 30 дена, а ветеринарните веледрогерии бесплатно ќе ги добиваат одобренијата за анестетиците за домашните миленици и лековите за егзотичните видови животни (птици) кои обично ретко се користат и се скапи.

Ова се само некои од олеснувањата предвидени со измените на Законот за ветеринарно-медицински препарати што денеска ги соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов.

Со измените ќе се рационализира употребата на лекови кај добитокот, односно точно ќе се дефинира како, колку и во кои услови може да се користат. Ќе се зголеми информираноста на фармерите дека терапија треба да се дава само кога е неопходно, а не непотребно во превентивни цели или кога случајот е завршен.

Ќе се засилат и контролите во сегментот на потенцијално фалсификуваните препарати.

Намалувањето на данокот на додадена вредност за ветеринарните лекови од 18 на пет отсто со овие измени не е опфатено. Тоа ќе се регулира со Законот за ДДВ. 

– Целта на измените е да се обезбеди подобра бизнис клима преку поедноставување на административните постапки и процедури, како и да се обезбеди посоодветна контрола над ветеринарно-медицинските препарати за уште поголема заштита на здравјето на животните и луѓето, на животната средина и поврзаност со концептот „Едно здравје“, истакна Атанасов.

Преку електронски систем ќе се прибираат податоци за тоа колку на некоја фарма се користат ветеринарни лекови и кај кои грла конкретно, ќе се воведат национален центар за информирање и механизми за континуирано снабдување на пазарот со лекови.

Со законските измени ќе се поедностави и постапката за увоз на ветеринарните лекови.

– Се обезбедува директно поврзување со царинските служби и одредени делови се префрлуваат во нивна надлежност со автоматски увоз, додека административната постапка која претходно се спроведуваше во АХВ се сведува на минимум, без непотребни оптоварувања на операторите, објасни Блаже Јаневски од Агенцијата за храна.

Во врска со намалувањето на ДДВ-то за лековите што го бараат ветеринарните друштва, директорот Атанасов информира дека иницијативата постои. Во моментов се прават проценки кои ќе бидат прво доставени до Комитетот за безбедност на храна и земјоделство по што ќе се одлучи дали ќе бидат прифатени и ќе одат на владина седница.