Граѓански здруженија бараат отпис на долговите за комунални услуги – ММС
ММС

Објавено на: 08/20/18 10:58 AM

Граѓански здруженија бараат отпис на долговите за комунални услуги

Конфедерацијата на синдикални организации и здруженијата „Човекот над профитот“, „No pasaran“ и „Гласен текстилец“ денеска поднесоа Предлог-закон со кој бараат отпишување на долговите за комунални услуги за физичките лица почнувајќи од 31 декември 2014 година.

Според предлагачите, станува збор за над 85 илјади семејства кои плаќаат застарени долгови кои воопшто не треба да се плаќаат.

– На овој начин би го олесниле буџетот на граѓаните и би го забрзале платниот промет во Република Македонија. Ако ова се реализира, а се надеваме на разбирање од страна на пратениците, луѓето би можеле да размислуваат за редовно плаќање кон доверителите, изјави Ана Глигорова од здружението „Човекот над профитот“.

Тие не се согласуваат со законското решение што го предложија неколку пратеници со кое се предвидува отпис на каматите на наплата на долговите за кои има правосилна судска одлука или решение за извршување. Со тој закон се предвидува да се отпишат само каматите, но не и наплатувањата кон нотарите и извршителите.

– Овој закон многу се разликува од тој закон. Бевме присутни на јавната расправа на Комисијата за финансирање и буџет и тогаш укажавме дека не се согласуваме со тој закон. Тој закон овозможува тотален грабеж и се бара да се плати нешто што ние апсолутно тврдиме дека не треба да се плати, изјави Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.

Овие здруженија најавија дека ќе побараат и од премиерот Зоран Заев да достави препорака до јавните претпријатија за тие да донесат одлука за отпис на каматите на останатите заостанати долгови.