Му платив за десет килограми, ама на вагата ми украл три – Пазарџии прават манипулации со небаждарени ваги – ММС
ММС

Објавено на: 10/6/21 10:00 AM

Му платив за десет килограми, ама на вагата ми украл три – Пазарџии прават манипулации со небаждарени ваги

Традицијата вели дека септември и октомври се месеци со најголема посетеност на зелените пазари низ земјата затоа што македонските граѓани подготвуваат зимници. Покрај се повисоките цени на зеленчукот и овошјето граѓаните се жалат и на манипулации кои ги прават трговците (прекупците) и земјоделските производители при мерењето и наплаќањето на производите.

Многу често на зелените пазари низ земјата може да се најдат на прв поглед многу поевтини земјоделски производи во однос на останатите тезги. Тој маркетиншки трик ги привлекува купувачите кои купуваат поголеми количини за помалку пари.

Но, дали навистина ги купуваат точните количини? До редакцијата на ММС стигнаа поплаки од купувач на пазар во Велес кој бил цел на измама кога купувал зеленчук, но брзо реагирал и го пријавил случајот во полиција.

– Купувавме зеленчук неколкумина од тезга на влезот од пазарот. Вреќичките со пиперки требаше да тежат 10 килограми колку што ги рекламираше продавачот. Една жена пред мене купи и се пожали дека биле лесни вреќичките. Кога мерев дома, видов дека сум украден за цел три килограми. Живеам веднаш до пазарот и се вратив да се пожалам. Додека се расправав со пазарџиите, јас повикав полиција и пријавив во Државна пазарна инспекција. Кога слушнаа дека полицијата е на пат, набрзина се спакуваа и избегаа со вагите. Проблемот е што вагите не им се баждарени и ги крадат постарите лица кои не можат да забележат разлика во количината. Ако една вреќичка чини 300 денари, вие сте во загуба речиси 100 денари. А тие тој ден можеби продале над 200 вреќички. Ова е кражба, губиме ние, губи државата, а добиваат само тие што секогаш се жалат што зеленчукот имал ниска цена – се пожали купувачот.

Од Јавното комунално претпријатие „Дервен„ кое стопанисува со пазарите, велат дека тие само наплаќаат такса за користење за тезгите, но немаат овластувања да проверат која вага е точна и која од нив има жиг од Бирото за метрологија.

Државниот пазарен инспекторат откри дека ги следи овие малверзации со мерните единици или вагите и врши редовни контроли.

„Државниот пазарен инспекторат постапува согласно Законот за метрологија, па следствено на тоа, врши надзори како редовни по однос на планот за вршење на редовни надзори кој секој месец се доставува и во Инспекцискиот совет, така и вонредни надзори или по претставки на граѓани. Согласно шестмесечниот извештај од страна на ДПИ, извршени се вкупно 193 надзори по однос на постапување по Законот за метрологија кој покрај другото ги опфаќа и вагите со кои се мерат рефусните производи. Истите мора да бидат верифицирани од страна на Бирото за метрологија и обележани со жиг од нивна страна“, одговорија од Државната пазарна инспекција и додадоа дека граѓаните треба да пријават ако се сомневаат во точноста на вагите.

Според Законот за Метрологија „мерилото кое нема ознаки и жигови, односно сертификат за верификација или чии ознаки и жигови, односно сертификат за верификација престанале да важат, не може да се употребува“.

Пазарџијата, било да е прекупец на производи, било да е производител, ќе плати глоба од 500 до 1.000 евра ако го прекрши овој закон и пушта во промет пакувани производи чија количина не е точна, а за правните лица како што се пилјарите казната се движи од 3.000 до 5.000 евра. Одговорното лице во фирмата, пак, ќе плати глоба од 2.000 до 3.000 евра.

 

Орце Костов