Напредок од Кичево, еден од најстарите фудбалски клубови во земјава, формиран во 1928 година, во последната деценија имаше многу премрежија и беше само прашање на денот кога ќе згасне овој многу популарен клуб во градот. Поради немање средства да се уплати неопходната котизација, пред почетокот на првенствената сезона во Третата лига запад, се доведе во прашање учеството на кичевски „Напредок” во оваа лига.
-Од респектабилен клуб кој пред 12 години се бореше за излез на европска фудбалска сцена, последниве неколку години кичевскиот клуб, сега третолигаш, доживеа неколку инфаркти од кои благодарение на помала група ентузијасти и вљубеници во клубот се уште одолева на сите искушенија. Последната криза ја доживеавме пред стартот на новата првенствена сезона, бидејќи клубот не беше во можност да ја уплати неопходната котизација од 75.000 денари и да се стекне со право на учество во третата лига-запад.Но по големи напори некако успеавме да собереме две третини од овие средства и да ги уплатиме во седиштето на третата лига запад,од каде ни беше предочено дека до крајот на есенската полусезона ќе мора да ги уплатиме и преостанатите средства ако сакаме да продолжиме со натпреварување, истакна тренерот Ѓорѓи Трпески, кој во клубот е и економ, ја одржува тревата на теренот и ги работи сите неопходни работи за екипата непречено да тренира и да ги игра натпреварите.
Посочи дека поради неповолната финансиска состојба во клубот, повеќето фудбалери летово не доаѓале на тренинзи и не се подготвувале за следната сезона. Од почетокот на работа на располагање имаат одвај десетина фудбалери и дури кога до дел од нив, како што рече, допрела информацијата дека ќе се најде начин да се уплати котизацијата и дека „Напредок” ќе продолжи да се натпреварува, почнале да доаѓаат на тренинг.
– Но колку ќе и бидат од помош на екипата со само два-три тренинга може само да се препостави. Радува фактот што во екипата се вратија искусните фудбалери, некогашни првотимци Жарко Симјаноски и Белул Небиу, врз чии квалитети ќе ја базираме играта на „Напредок” во есенскиот дел од сезоната, додаде Трпески.
МИА