Долгоочекуваната статистичка операција која во државава се очекуваше речиси 20 години финишираше. Вечерва во 20 часот ќе биде затворена апликацијата за попишување во земјата, но и апликацијата за самопопишување на дијаспората, информира Државниот завод за статистика.
Во поголемиот дел од општините низ државата теренските активности се завршени и таму се одвиваат технички активности на раздолжување на попишувачите.
Во одредени средини, попишувачите се уште беа на терен и се уште ги посетуваа домаќинствата за никој на да не биде испуштен.
– Ова се изолирани случаи во кои попишувачот не успеал да оствари контакт со граѓаните и да ги попише и затоа Државниот завод за статистика апелира до сите граѓани кои се сè уште непопишани, да ги посетат пунктовите во своите општини и да се попишат. Исто така, и во зградата на Државниот завод за статистика, на ул.Даме Груев бр.4, постои пункт каде што можат да се попишат лица од целата територија на град Скопје, информираа пред некој час од ДЗС.
– Бројките од пописот детално ќе бидат соопштени вечерва од страна на Државниот завод за статистика. Јас сум задоволен што успеавме да ја реализираме оваа операција и покрај сите проблеми со кои се соочивме. Бројката на попишани граѓани е околу 1,9 милиони, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во гостувањето на „Само интервју“ на Канал 5.
– Честитки до Заводот за статистика, бидејќи направија максимални напори повеќе пати да отидат на некои места и да ги убедат граѓаните да се попишат. Навистина е мал бројот на граѓаните кои не се опфатени или одбиле да се попишат. Тие кои не се опфатени, ако ги има, се на граница на статистичка грешка и тоа се случува во речиси сите држави, додаде Маричиќ.
фото: В. Тануровски