Заврши реконструкцијата на Инфективното одделение на Клиничката болница во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/21 3:46 PM

Заврши реконструкцијата на Инфективното одделение на Клиничката болница во Штип

Првата фаза од реконструкцијата на Инфективното одделение при Клиничката болница во Штип е завршена, но пациентите ќе се префрлат дури кога ќе се заврши со поставувањето на современиот противпожарниот систем, информираше денес на завршната прес-конференција , директорот на болницата Ален Ѓеорѓијев.

Оваа фаза од реконструкцијата на Инфективното одделение, се реализираше преку Програмата за меѓугранична соработка Бугарија-Северна Македонија, а партнери во проектот се здравствените установи од бугарскиот град Гоце Делчев и Клиничка болница-Штип.

Проектот требаше да започне минатата година во март, но поради Пандемијата со короновирусот, реализацијата беше пролонгирана но сепак реализирана.

Ѓеорѓијев вели дека и покрај пандемијата и потребата од болнички кревети, сепак на крајот успеале да ја завршат реконструкција.

„ Во рамките на проектот и со средствата кои ги имавме се заменија прозорците, имаме и енергетски ефикасна фасада и соларни светилки пред Инфективното одделение. Ова е делумна реконструкција, на следните повици ќе бараме средства и за реконструкција внатре во самата болница. Пандемијата покажа дека оваа зграда е од исклучителна важност за пациентите, а и по завршувањето на новата Клиничика болница Инфективното одделение ќе остане надвор од новиот објект,“ информираше Ѓеорѓијев.

Капацитетот на болницата останува ист, со околу 60 болнички кревети сите приклучени на централниот довод на кислород. Болницата  со сопствени средства постави  централен довод за кислород и современ противпожарен систем.

За реализација на овој меѓуграничен проект биле обезбедени 400.000 евра, од кои 200.000 за реконструкцијата на Инфективното одделение, информира проектниот координатор Дени Жерновски .

„Овие средства беа насочени и на зајакнување на капацитетите на персоналот во однос на персоналот во однос на климатските промени и што тие промени значат по јавното здравје. Потоа имаше и еден вид на кампања, што треба ние да преземеме за да ги намалиме последиците од климатските промени,“ образложи Жерновски.

Модуларната болница, според директорот Ѓеорѓијев, ги задоволува безбедносните стандарди и за персоналот и за пациентите.

В.Кр