Некому илјадници евра, некому едвај 1.000 денари – Вонпарламентарните партии треба меѓу себе да се договорат како ќе ги делат трошките за платено политичко рекламирање – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/21 11:14 AM

Некому илјадници евра, некому едвај 1.000 денари – Вонпарламентарните партии треба меѓу себе да се договорат како ќе ги делат трошките за платено политичко рекламирање

Изборната кампања започна, а радиодифузерите, печатените и онлајн медиумите се уште не се сигурни како малите вонпарламентарни политички партии ќе го платат рекламирањето кај нив.  Најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ќе го немаат проблемот со распределбата на финансиските средства наменети за платено политичко рекламирање затоа што им следува најмногу до 45% од колачот, односно ќе поделат околу 3,1 милион евра од вкупно 3,5 милиони евра средства за финансирање на партиите кои кон крајот на 2020 година со консензус си ги изгласаа во Собранието. Проблеми ќе немаат ниту помалите парламентарни партии како Левица кои се парламентарни, но немаат пратеничка група и затоа им следува 7% од средствата или околу 200.000 евра.

Проблем се јавува кај вонпарламентарните партии кои се одвоија од коалициите предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и решија сами да настапуваат на локалните избори на 17 октомври, а ќе може да сметаат на околу 200.000 евра средства за платено политичко рекламирање.

– Да ја земеме за пример една мала вонпарламентарна партија која ќе делува во општина каде што има 10.000 гласачи. Тие се множат по 120 денари и се добиваат 1.200.000 денари. 3% од оваа сума е 36.000 денари. Е, сега ако се шест мали партии во таа општина, треба да ги поделат на шест дела, односно Изборниот законик им остава можност да се договорат меѓусебе како ќе ги распределат парите за политичко рекламирање. Некоја партија или здружение ќе добие 1.000 денари. Што попрво со тие пари? И зарем мислите дека партиите ќе се договорат сами – велат од Државната изборна комисија.

ДИК поради ова објави известување до политичките партии во врска со примената на одредбите од член 76-д од Изборниот законик.

„Политичките партии застапени во Собранието кои што се дел од пратеничка група и во Собранието не дејствуваат како независни пратеници, а на Локалните избори 2021 година ќе настапуваат самостојно (како политички партии) со свои кандидатски листи, финансиските средства предвидени во член 76-д став (5), ќе можат да ги користат само во конкретната општина каде ќе настапат самостојно, според вкупниот број на запишани избирачи на територијата на соодветната општина каде имаат свои кандидатски листи, додека распределба на тие средства ќе се изврши по претходен писмен договор согласно член 76-д став (5) алинеа 3 од Изборниот законик. Дополнително, во врска со одредбите од Изборниот законик кои се однесуваат на исплатата на финансиските средства за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес, ДИК појаснува дека истите ќе ги исплати согласно одредбите од Изборниот законик и постигнатите писмени договори помеѓу учесниците во изборниот процес што е нивна обврска согласно Изборниот законик“, извести ДИК.

Став 5 од членот 76-д на Изборниот законик вели дека финансиските средства за платено политичко рекламирање ќе бидат обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија во текот на изборниот процес и тие не смеат да ја надминат сумата од две евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ, по запишан избирач од вкупно запишани избирачи на територијата на Република Северна Македонија, а за локални избори дополнително по едно евро во денарска противвредност без пресметан ДДВ по запишан избирач на територијата на општината каде се одржува втор круг на гласање и за претседателски избори доколку има втор круг дополнително по едно евро во денарска противвредност без пресметан ДДВ по запишан избирач од вкупно запишани избирачи на територијата на Република Северна Македонија.

Овие средства се распределуваат по претходен писмен договор на следниов начин: најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови, потоа  најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови, па  најмногу 7% од средствата може да искористат политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и  најмногу 3% од средствата може да искористат политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати.

Орце Костов