Медикаменозниот абортус да биде достапен низ целата држава, бараат од Платформата за родова еднаквост – ММС
ММС

Објавено на: 09/28/21 3:04 PM

Медикаменозниот абортус да биде достапен низ целата држава, бараат од Платформата за родова еднаквост

Две години по донесувањето на новиот закон за прекинување на бременоста, Македонија најпосле се вбројува меѓу земјите кои ја препознаваат важноста на медикаментозниот абортус како дел од грижата за женското репродуктивно здравје. Ова е значаен чекор напред кон обезбедувањето на квалитетна абортусна грижа заради што секоја година во светот се одбележува 28 септември – Меѓународен ден на безбедниот абортус, истакнаа од Платформата за родова еднаквост.
Медикаментозниот абортус е достапен и кај нас, но само на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.Како последица, девојките и жените кои живеат надвор од Скопје немаат можност да изберат како ќе ја прекинат бременоста, што значително ја ограничува
нивната репродуктивна слобода.

Познат уште и како абортус со лекови, медикаментозниот абортус е безбедна алтернатива на хируршкиот метод, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80 % од абортусите во земјите во ЕУ.

-Првите сознанија од досегашната примена на медикаментозниот абортус кај нас покажуваат
дека над 90 % од жените се задоволни од оваа здравствена услуга и дека замената на
хируршката интервенција и на анестезијата со лекови придонесува да се чувствуваат
побезбедно и подостоинствено. Од друга страна, поради постојните мерки на заштита од
ковид-19, болниците располагаат со намален број на слободни ординации, па дел од жените
кои сакале да направат абортус во различни здравствени установи низ земјата, се соочиле со
услови во кои приватноста им била нарушена и со несензитивен однос од здравствените
работници, информираат од Платформата за родова еднаквост.
Тие побараа од здравствените власти да осигурат широка примена на медикаментозниот абортус низ целата земја, односно медикаментозниот абортус да стане достапна здравствена услуга и во болниците во другите градови низ земјата, и да се осигури регистрација на лековите за медикаментозен абортус за да се обезбеди негова примена како на болничко ниво, така и во гинеколошките ординации на примарно здравствено ниво.
-Поради сензитивноста на самата здравствена услуга, апелираме до здравствените установи да
го гарантираат правото на приватност и на доверливост на жените кои се одлучиле да
направат абортус. Апелираме и до здравствените работници да си ја вршат работата
професионално, покажувајќи високо ниво на грижа и емпатија кон пациентките. На ваков
начин, и здравствените установи и здравствените работници ќе придонесат за намалување на
стигмата и осудата кон девојките и жените кои решиле да не ја продолжат бременоста. Ова е
особено важно сега кога жените се социо-економски меѓу најпогодените од пандемијата.
Најпосле, во време кога голем број на десничарски влади во светот уште подрастично ги
ограничија законите за абортус и пристапот до контрацепцијата, а сеопфатното сексуално
образование и долгогодишните заложби за родова рамноправност станаа мета на
манипулација и говор на омраза, здравствените чинители кај нас мора да го поддржат
човековото право на слободен репродуктивен живот. На крајот на краиштата, абортусот е
здравствена услуга како и сите останати во системот на здравствена заштита – и точка,  информираат Платформа за родова еднаквост.

Фото: 24sata.hr/