„Телеком„ и „А1“ казнуваат 15 денари за тие што не користат интернет – Народниот правобранител испитува што наплаќаат операторите – ММС
ММС

Објавено на: 09/28/21 1:18 PM

„Телеком„ и „А1“ казнуваат 15 денари за тие што не користат интернет – Народниот правобранител испитува што наплаќаат операторите

Мобилните оператори „Телеком„ и „А1“ од први јуни, односно од први август наплаќаат провизија од 15 денари доколку корисниците ја платат својата хартиена сметка на шалтер во некој од нивните продажни салони со што го навлекоа гневот на потрошувачите, посебно оние постарите кои не користат електронско плаќање.

Корисниците кои ги затекнавме пред продажните салони велат дека провизијата не е голема, но не е во ред што операторите на овој начин ги казнуваат што не користат електронски услуги. Дел од нив се пожалиле и до Организацијата на потрошувачи од каде што велат дека тоа се најчесто повозрасни граѓани што не користат интернет.

– Еве денес ја земав пензијата и одам право да платам сметки. Не се снаоѓам најдобро со автоматот за плаќање и морам да одам на шалтер, а таму ми побараа уште 15 денари за услугата. Не се многу пари, ама ваму 15, таму 35 и во месецот ми се собираат провизии колку една дневница, а пензијата е ниска – се пожали за ММС, пензионер кој не користи ниту картичка да ја извади пензијата, туку еднаш месечно чека на шалтер и во својата банка.

Од компанијата „Телеком“ за ММС објасниј дека електронското плаќање заштедува време и е еден од начините за зачувување на животната средина, а во време на пандемија и намалување на здравствениот ризик.

„Единствена цел на наплатата на надоместокот е да се поттикнат корисниците да го користат електронското плаќање. Но и покрај ова, електронското плаќање не е единствениот достапен начин на плаќање. Македонски Телеком овозможува повеќе начини на брзо и едноставно плаќање сметки, а доколку корисникот сепак сака да плати во продавница тоа може да го стори преку терминалите за наплата кои се бесплатни, самостојно или со помош на нашите продажни агенти. Доколку сè повеќе се користи електронско плаќање, освен што се намалува здравствениот ризик, се намалува времето на чекање на шалтерите во продавниците, со што ние како компанија – давател на услуги, можеме повеќе да се посветиме на корисниците, а нашите продажни агенти детално да ги информираат за услугите и продуктите, да им го понудат најдоброто решение за нивните комуникациски потреби за тие да го направат најсоодветниот избор. Дигитализацијата на процесите е неминовен чекор, се случува во сите сфери и е корисна за сите граѓани“, рекоа оттаму за целта на трошокот и ефектот од воведувањето, но не одговорија зошто е донесена ваква одлука за време на пандемија кога граѓаните го штедат буквално секој денар.

Во меѓувреме, по добиени сознанија од медиумите, и Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за ваквиот вид наплата од страна на операторите, а постапката се уште е во тек.

„Македонски Телеком АД Скопје го извести Народниот правобранител дека воведувањето на овој надоместок  е деловна политика  и дека  истата е во согласнот со постоечката законска рамка која го регулира обезбедувањето на јавните електронски комуникациски услуги без да се наведе согласно кој закон. Со цел понатамошно постапување, НП се обрати и до МТ, А1 и до АЕК со цел појаснување за правниот основ врз основа на кој е воведена провизијата“ објаснија за ММС од канцеларијата на Народниот правобранител.

ММС на оваа тема испрати прашања и до „А1“, но до денес од таму не добивме никаков одговор.

Орце Костов

фото: ММС, Телеком, МИА