Штип: Локални избори 2021 – ММС
ММС

Објавено на: 09/27/21 3:14 PM

Штип: Локални избори 2021

Кандидатот за градоначалник и носителот на листата за советници на СДСМ ја презентираа изборната програма за Штип.
Кандидатот на СДСМ, Сашко Николов потенцира дека на предвремените локални избори за градоначалник на Штип во 2020 година,  ветил дека краткиот период кој го имал на располагање го употребил да постигне резултати врз основа на кои, на редовниот термин за избори за градоначалник на Штип повторно ќе ја побара поддршка од граѓаните, но овој пат за цел мандат.

„Главни програмски одредници се суштински проекти со повеќедецениска важност и потреба. Ќе се фокусираме на инфраструктурни проекти во водоснабдувањето, сообраќајот, управувањето со отпад и образованието кои се од витално значење за развој на нашата општина.Пред вас ќе ја претставиме визијата за напреден, современ и убав Штип, затоа што штипјани го заслужуваат најдоброто, вели Николов.

Носителот на листата на СДСМ и коалиционите партнери, Александар Мишев истакна дека да биде носител на победничката советничка листа на коалицијата Најдоброто за мојата општина, е голема обврска и одговорност , предизвик на кој ќе одговори со упорна, чесна и посветена работа.

Она на што ја засноваме нашата програма е враќањето на довербата на граѓаните во системот и институциите. Не секогаш се потребни пари за позитивни промени, истакна кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов на денешната промоција на неговиот изборен штаб.

Неговата програма, истакна Јорданов, е заснована на десет основни столбови. Економски силна општина за подобар стандард, дигитална општина, урбана инфраструктура, образование, зголемување на зелените површини, подобра водоводна и канализациска инфраструктура, зелена енергија, култура, спорт, социјална заштита.

„Веќе реализирав едно од ветувањата. Порталот кој што денес го претставувам е првичната верзија на замислениот проект којшто понатаму ќе се надгради за да во целост ја исполни функцијата за која што е наменет. Во предизборната верзија-novaidninazastip.mk , дозволено е граѓаните да предложат идеи и проекти, но и да коментираат и оценуваат проектите кои што ќе се рангираат според одредени критериуми,“ додаде Јорданов.

За претстојните локални избори  за Штип има четири кандидати за градоначалници за Штип.

СДСМ и ВМРО денеска и официјално ги започнаа кампањите, кандидатите на ЛДП-ДОМ, Ванчо Санев и на Интегра- Симон Поликарп-Џими немаа изборни активности.