Откако во јавноста се појавија шпекулации дека кандидатката за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска наводно побарала полициско обезбедување при нејзините јавни настапи затоа што се чувствувала небезбедна, ММС побара одговор од Министерството за внатрешни работи кое информираше дека до пред почетокот на кампањата таа нема поднесено барање за лично обезбедување. Но, кампањата за локалните избори официјално почна од денеска. Со оглед на тоа дека кандидатите ќе бидат поекспонирани во јавноста и меѓу граѓаните, а со тоа и на поголем ризик од говор на омраза што би можело да предизвика да се чувствуваат небезбедни.
Не е само Арсовска таа која од МВР побарала обезбедување, бидејќи во минатото баралаа и други функционери. А партиските функционери или други личности кои извршуваат јавни функции може да поднесат барање МВР да ги обезбедува при вршењето на активностите, но за него одлучува исклучиво министерот, во случајов министерот Оливер Спасовски по извршената безбедносна проценка.
„Министерот за внатрешни работи може да определи мерки за обезбедување на други личности кои извршуваат јавни функции по поднесено барање од нивна страна, доколку по, врз основа на извршена безбедносна проценка, е преценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет, поради извршување на определени дејствија во вршење на нивната функција“, велат од МВР.
Оттаму потврдија дека МВР не наплатува трошоци ниту на месечно, ниту на годишно ниво за извршување на оваа надлежност.
„Министерството за внатрешни работи кога превзема мерки и активности во рамките на својата надлежност, во која спаѓа и обезбедувањето на личности и објекти, а за извршување на оваа надлежност министерството не наплатува трошоци на месечно или годишно ниво“, потврдија од МВР.
Во земјава обезбедувањето на ВИП личностите е регулирано со Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување врз основа на која МВР во рамките на својата надлежност презема мерки и активности за обезбедување на највисоките претставници на органите на државна власт.
„Врз основа на член 4 од Уредбата, од страна на МВР постојано се обезбедуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, замениците на претседателот на Владата, министерот за внатрешни работи, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Агенцијата за национална безбедност, членовите на потесното семејство (брачен другар и децата до навршена 21 година) на претседателот на РСМ, претседателот на Собранието на РСМ и претседателот на Владата на РСМ“, одговорија за ММС од МВР.
Ако МВР направи безбедносна проценка и оцени висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет, од страна на министерот може да се определат мерки за обезбедување на министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител на РСМ и претседателот на Уставниот суд на РСМ.
За разлика од кампањата за локални избори, во изборната кампања за претседател на РСМ, МВР задолжително презема мерки за обезбедување на кандидатите за избор на претседател.
Од поодамна е познато дека бившите претседатели на земјата како Ѓорѓе Иванов и Бранко Црвенковски и по престанокот на нивните функции имаат обезбедување лично и на членовите на нивните потесни семејства.
Но, од страна на министерот за внатрешни работи обезбедување после престанокот на нивната функција може да добијат и претседателот на Собранието, членови на Владата, како и на други личности на кои им престанала функцијата „во случаи кога е оценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет поради преземени определени дејствија во вршењето на нивната функција за времетраење на опасноста“.
Орце Костов
Фото: Вангел Тануровски