Опаѓа бројот на новозаразени и на активни случаи со коронавирус – ММС
ММС

Објавено на: 09/26/21 9:41 AM

Опаѓа бројот на новозаразени и на активни случаи со коронавирус

Опаѓа бројот на новозаразени од коронавирусот. Вчера беа регистрирани 392 инфицирани од 4.633 тестирања или околу 8,4 отсто. Претходно тој процент беше над 10. Се намалува и бројот на активни случаи. Ако на почеток на септември во државата имаше над 15.000 активни случаи, сега има 12.240. За претходното деноноќие беа регистрирани и 17 починати, а како што соопшти Министерството за здравство дополнително во „Мој термин” пријавени се уште три починати лица во периодот од 12 до 22 септември. Регистрирани сe и 339 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1 274 003 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 189 551 бројката на оздравени пациенти е 170 734, на починати е 6577, а бројот на активни случаи изнесува 12 240.
Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има најмногу активни и тоа 5689. Следува Куманово со 967, Тетово – 945, Охрид – 502, Гостивар – 490, Кичево – 417, Струга – 364, Велес – 312, Струмица – 310, Прилеп – 304. Во другите градови се помалку од 300, а во Дојран само еден позитивен на Ковид-19.
Вакцинацијата во државата се одвива непречено, целосно имунизирани над 714 илјади граѓани. Заклучно со завчера вакцинирани се 781 623 граѓани, а ревакцинирани 714 135, односно аплицирани се вкупно 1 495 762 дози. Прва доза вакцина завчера примиле 1717 , а вкупно се вакцинирале 6897 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 55 отсто од населението над 40 години и 31 отсто од населението од 18 до 39 години.

Министерството потсетува дека за вакцинирање на пунктовите не е потребно закажан термин, а децата од 12 до 18 години се вакцинираат со согласност од родител.

– Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход, информира Министерството за здравство.

 

 

МИА