Да се помогне кога е најтешко – Како функционира продавницата „Копче“ на Црвен Крст – ММС
ММС

Објавено на: 09/29/21 9:30 AM

Да се помогне кога е најтешко – Како функционира продавницата „Копче“ на Црвен Крст

Колку пати ви се случило вашиот плакар да биде преполн со облека која сте ја купиле на попуст и сте ја оставиле само да зафаќа место во плакарот или пак ви се смалила, а сепак е искористлива и може некому да ја подарите. Не само за облеката,  туку и за работи кои ви зафаќаат дома место и повеќе не ви користат.  За време на карантинските денови, пак,  допревте во секој ќош и место каде што не сте ни помислиле и сте пронашле работи за кои не сте ни свесни дека ги имате.

Но, некому и тоа како може да му се најдат,  некому може да му донесат топла зима или студено лето доколку ги донирате и му го олесните секојдневието. Токму тоа го прави социјалното претпријатие „Копче“, кое работи во рамките на Црвениот Крст, каде граѓаните вишокот облека и други предмети употребливи за другите може да ги донираат.

ММС беше во посета на „Копче“ и од разговор со Христина Алексовска,  одговорно лице дознавме дека свеста за донирање на облека кај граѓаните е на повисоко ниво, а тоа го покажуваат и  статистичките бројки во однос на изминатите години. Но, и покрај тоа, секогаш е важно некому да му се помогне кога му е најтешко.

„Порано праксата беше  да имаме годишно преку 20 тони донирани алишта, но со годините овој број се повеќе се зголемува. Последните статистики покажуваат дека стигнавме од 40 до 50 тони донирана облека на годишно ниво. Од идејата на најдобар начин тоа да се распредели до крајните корисници, познавајќи ги потребите на граѓаните, се дојде до идеја на отворање на „Копче“. Како социјално претпријатие почна да функционира во 2018 година и лицата кои се вработени тука се лица од социјален ризик“, вели за ММС, Христина.

Начинот на функционирање на „Копче“ започнува првенствено од идејата да се донира облека во пунктовите или контејнерите за облека поставени на повеќе локации во главниот град, а потоа следува селекција, перење, пеглање, па на крајот следува продажбата или донацијата.

„Граѓаните може да донираат облека во „Копче“ во текот на целото работо време, но имаме повеќе места каде граѓаните може да да ги остават. Сите донации ги праќаме на едно место во магацин каде што се врши селекција. Селекцијата се прави врз основа на тоа колку е сочувано самото парче облека, колку е употребливо и колку некој друг може да го употреби. Потоа, таа облека ја распределуваме до крајните корисници, односно се селектира за во повеќе оддели, не само за во „Копче“ за продажба. Облеката се дели за лица од социјален ризик, за бездомни лица, исто така редовно донираме и имаме соработка со институции на ниво на државата и со институции на територија на Град Скопје.  Откако ќе се селектира и ќе се распредели, облеката се пере и пегла и потоа се доставува до крајните корисници“, вели Христина.

За облеката која сметаат дека не е соодветна некој да ја носи или да му биде донирана некому, во рамките на проектот „Копче“ има и работилница каде што се изработуваат производи во „пачворд“ техника.

„Имаме волонтер кој редовно доаѓа и таа своето знаење го пренесува на помладите колешки. Неколку пати во рамките на „Копче“ од 2018 до 2021 година имавме обуки за шиење и за везење. Секое едно парче облека кое можеме да го искористиме на креативен начин  и повторно да го направиме модерно, уникатно и употребливо ги користиме тие парчиња облека. Од нив може да се изработат и декоративни украси, кукли кои понатаму или ги донираме или ги изложуваме во „Копче“ бидејќи тоа е рачна изработка и е вложено многу труд“, вели Христина.

Облеката која е изложена во „Копче“, Христина вели е за сите возрасти од бебиња, деца, тинејџери, возрасни, за мажи и жени. Цените се достапни за сите, но исто така облеката која е изложена таму е наменета за сите без разлика дали нивниот џеб е подлабок или поплиток.

„„Копче“ е отворено за сите граѓани, можеби некој ќе рече тоа е отворено за лица со пониски приходи кои не можат да си дозволат на друго место да купат. Но, не секогаш е така.  Цените во „Копче“ се симболични, од 50 до 500 денари е најскапото. Има граѓани кои не се сиромашни,  но со парите што ќе ги потрошат тука даваат помош и поддршка на лицата во социјален ризик, бидејќи средставата понатаму се наменети за хуманитарни  и добротворни цели“, вели Христина.

Можеби кај некои луѓе има стереотипи за купување „second hand“ облека, но многу често ни се случува, вели Христина, кога ќе го објасниме концептот, идејата и целта кон кои се стремиме некои од луѓето многу позитивно тоа да го прифатат.  Вели, има луѓе кои откако еднаш ќе влезат во „Копче“ потоа стануваат постојани потрошувачи. Затоа што освен што се среќни со тоа парче облека кое тука може да го купат многу поефтино одколку на друго место, добиваат и чувство на исполнување, бидејќи со средствата потрошени тука некому помогнале.

Пунктот „Копче“ функционира во два дела, како продавница и како пунк за бесплатно делење на  облека.

„Во пунктот на сите лица кои се во социјален ризик им даваме редовно информации да се упатат до општинските организации на Црвен Крст, каде стручен тим си прави проценка дали тие лица навистина имаат потреба или не.  Сега, бидејќи сме во пандемија не, но порано лицата доаѓаа до пунктот и сами бираа облека, а тоа е истата облека која ние во „Копче“ би ја изложиле за продажба.  Откако лицата ќе дојдат со ваучер, ние според величина, големина што тие ќе ја остават за сите членови на семејството подготвуваме облека“, вели Христина.

Во време на засилени рестриктивни мерки односно карантини и полициски час пунктот во „Копче“ добил донации кој бил повеќе од дуплиран, вели Христина.

„Примаме облека, обувки, детски играчки, книги, постелнина. Но, ако станува збор за поголема количина на донација ги упатуваме во магацинот на Црвен Крст кој се наоѓа во Момин Поток, бидејќи се случувало даа донираат детски креветчиња, детски колички, точачиња за дечиња, а тука во „Копче“ сме ограничени со простор. Тоа воедно е пункт за бездомници, но и магацин на Црвен Крст бидејќи има доста поголем простор“, вели Христина.

Засега ова е единствената продавница на „Копче“ која  постои, но како што вели постојат  амбиции и се подготвуваат за отворање на „Мало Копче“, со што работите ќе бидат поделени таму да биде за мали дечиња и бебиња.

„Копче“ како идеја постои многу повеќе од пред 2018 година, и всушност основано е по примерот на германскиот Црвен Крст. Водени од тој пример, како се помага на луѓето од ранливи категории, а со оглед на тоа дека Црвен Крст работи со донирана облека, се дошло до идеја како на најдобар начин да се искористат сите донации од граѓаните и компаниите кои што донираат.

Текст и фото: Габриела Додевска