Џеј Ло, „Колдплеј”, Били Ајлиш, „БТС” и Елтон Џон, меѓу другите, в сабота ќе имаат настапи низ цел свет, под насловот „Граѓанин на светот” (Global citizen), а целта е покревање на глобалната свест за климатските промени, гладот и правото за пристап до вакцини за сите.
Концертите, што ќе се одржуваат во Њујорк, Париз, Лагос, Рио де Жанеиро, Сиднеј, Мумбај и други градови, ќе се совпаднат со неделата на Генералното собрание на Обединетите Нации. Ѕвездите, исто така, ќе ја поканат Г-20 на делување, како и учесниците на состанокот за климата КОП-26 во ноември.
„На шест континенти, уметниците ќе им помогнат на граѓаните да бараат од владите, големите корпорации и филантропите да работат заедно за да ја заштитат планетата и да ја победат сиромаштијата”, се наведува во соопштението на невладината организација „Граѓанин на светот”.
Били Ајлиш и „Колдплеј” ќе настапат во Централ парк во Њујорк, а ним ќе им се придружат и Џенифер Лопез, Камила Кабело, Шон Мендез и Бурна Бој. Ед Ширан ќе настапи во Париз заедно со Елтон Џон, Доџа Кет, „Блек ајд пис” и Стормзи. Пејачот Феми Кути ќе настапи во родната Нигерија, а Бразилецот Алок во Рио. Легендарните „Дјуран Дјуран” и Кајли Миног ќе бидат во Лондон.
Движењето „Граѓанин на светот” има мисија – ставање крај на екстремната сиромаштија до 2030 година. Концертите служат и како притисок врз властите, на пр. за прашањата поврзани со одржливоста и еднаквоста.
Водачот на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејсус ја поддржа најновата кампања која повикува и на еднаквост во пристапот до вакцини.
МИА