Состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна, рече Царовска – ММС
ММС

Објавено на: 09/23/21 11:16 AM

Состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна, рече Царовска

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска се сретна со директорите на основните и средните училишта во Битола. На состанокот, на кој присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска, разговараа за текот на наставата со физичко присуство во услови на пандемија, за реформите во основното образование и за процесот на унапредување на средното стручно образование.

-Досега целиот овој процес тече според предвидениот план и динамика за што сте заслужни вие директорите и локалните самоуправи кои посветено работевте на време да ги подготвите училиштата и да ги обезбедите потребните услови со цел да имаме успешна учебна година. Би сакала да се заблагодарам и на наставниците кои ги поминаа потребните обуки и веќе се прилагодуваат на новиот концепт. Исто така, сите заеднички продолжуваме будно да ја следиме состојбата со Ковид во училиштата, која засега е стабилна и верувам дека со доследно почитување на мерките, училиштата ќе останат безбедни и што подолго отворени за учениците, рече Царовска.

Директорите на состанокот рекоа дека сите предизвици ги решаваат брзо и одговорно бидејќи нивен приоритет е учениците и наставниците да имаат соодветни услови и ресурси за непречена настава. Тие истакнаа дека планот и протоколите се почитуваат доследно и дека процентот на заразени ученици и наставници во битолските училишта е мал.

Според последниот извештај на Комисијата за заразни болести, состојбата со Ковид-19 во училиштата во државата е стабилна, се следи на дневно ниво и според проценките на Главниот координативен кризен штаб засега нема потреба од промена на моделот за начинот на одвивање на наставата бидејќи нема интерна трансмисија на вирусот во училиштата.

Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата, на дневна основа бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Вакциниран е над 72 отсто од наставниот кадар, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.

МИА