Земаме плата да служиме на граѓаните, неделата полни батерии за понеделник, рече Заев за блокирање на законите – ММС
ММС

Објавено на: 09/22/21 2:10 PM

Земаме плата да служиме на граѓаните, неделата полни батерии за понеделник, рече Заев за блокирање на законите

Не сакам да обвинувам никого, сакам само да апелирам на одговорност пред граѓаните. Ние сме бирани, земаме плата да им служиме. Не е коректно да се блокираат законите, јас разбирам кога има политичка цел, кога има аргумент за тоа нека се соопшти, но навистина нема никакви аргументи за ваквите законски решенија да бидат блокирани. Ниту влијаат на изборите, ниту нешто можат да сменат во плус или во минус на претстојните избори, треба да се донесат затоа што навистина се добри за целиот наш народ без разлика на неговата политичка определба и секаков вид на друга определба, истакна на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Тој се осврна на законот со кој треба недела да се прогласи за неработен ден и потенцираше дека колку поскоро се донесе, толку поскоро работниците ќе бидат со своите семејства на слободниот ден.

– Не гледам зошто да се блокира законот за недела како неработен ден, го чекаат работниците во државата. Искоординирано е со коморите и компаниите. Ако тој се донесе денеска од следната недела буквално или после таа многу работници конечно во недела ќе бидат со своите семејства. Тоа ќе се донесе веројатно во ноември, декември, ако биде сега блокирано во септември, но час поскоро ако се донесе, час поскоро работниците ќе можат да го уживаат своето слободно време со децата, а семејството е многу важно, а при тоа неделата знае да наполни батерии и за понеделник, нагласи претседателот на Владата.

Тој, зборувајќи и за другите закони кои се блокирани во Собранието, рече дека има и закони за кои е потребно двотретинско мнозинство и опозицијата треба да ги поддржи.

– Ние имаме таму законски решенија коишто ги критикуваат затоа што биле со европско знаме, доминантно се од областа на правосудството, имаме двотретински закони, законот за парнична постапка, којшто не е само со европско знаме, две третини ни требаат, значи опозицијата треба да го поддржи тоа, заради тоа што тоа е унапредување на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста, независноста на правосудството, има навистина законски решенија коишто живот значат за граѓаните и многу граѓани ги чекаат секој ден да бидат донесени тие закони, тука се и тие закони за фискална децентрализација и многу други економски закони коишто за жал се заглавени, таму е законот за трговски друштва, закон за изградба на патото Кичево-Охрид, наведе Заев.