Австралија утрово ја стресе многу силен земјотрес шест степени, што е невообичаено за ова поднебје, кој за среќа предизвика само материјална штета, живи и здрави сме, велат нашинци, кои живеат во Австралија.
ММС ги контактираше пејачките Татјана и Новица и Маријана, кои како што велат, било страшно, многу се исплашиле, но пострашно било за тие кои досега воопшто не почувствувале, а тие веќе имаат искуство додека живееле во Македонија.
-Леле само тоа можам да кажам, се уплашивме и тоа многу. Кога почна за тресе јас едвај дојдов до врата да избегам. Се’ се тресеше, тие звуци на крцкање, пукање, мислиш се’ ќе се распадне. Мене ми падна сликата од ѕид и побегнав надвор да се спасам, барем така мислев. Но, од настрешницата и стакло почна да се криви, да шета. Ми се појави една мачнина во стомак, телефонот ми падна од рака, а сакав да вртам кај децата. Само тоа ми беше на памет, кај ми се деца, внуката. Дома не ми се влегуваше следните неколку часа. Надвор се тресеше цементот. Па јас 29 години сум тука и сум заборавила како изгледа земјотрес. Во Македонија додека бев неколку сум почувствувала силни со бегање. А овде е мирно и затоа не’ распамети, ни рече Маријана.
Тања и Новица пак, биле дома, бидејќи се во изолација. Велат се исплашиле, но не толку баш поради искуството со земјотресите додека живееја во Македонија.
-Нема жртви, а тоа е најважно. Не’ начека дома, а каде на друго место, кога ние цело семејство сме во изолација, бидејќи имав заразена колешка на работа. Се тестиравме сите, сите сме негативни, но мора да седиме 14 дена дома, па пак да се трестираме. Дома сме, не смееме никаде да одиме. Дупки направивме по креветите, па чистиме и переме, за да помине времето, велат Тања и Новица и додаваат:
– Утрово малку после девет и почна да се тресе. Се исплашивме секако, но ние сме навикнати од Скопје на земјотреси. Лустерот се нишаше, крцкаа ѕидови. Прво на децата помисливме, спиеја. Мислам дека повеќе се исплашија наши пријатели со кои се слушавме по земјотресот. Некои од нив прав пат во животот почуствуваа земјотрес и затоа ги уплаши многу. Една пријателка ми вели- јас сум 40 години и прв пат почувствував земјотрес, срцето ќе ми пукнеше од страв. Но, стравот помина, дај Боже да не се повтори. Важно е дека сме живи и здрави сите, ни рекоа Тања и Новица.
(В.М.)