Место ајвар ќе јадеме банани – Теглите ќе зјаат празни, зимницата стана луксуз за македонските граѓани – ММС
ММС

Објавено на: 09/22/21 10:00 AM

Место ајвар ќе јадеме банани – Теглите ќе зјаат празни, зимницата стана луксуз за македонските граѓани

Септември е традиционално резервиран за подготовка на зимница и месец кога македонските граѓани прават ајвар, но оваа година полиците за тегли ќе зјаат празни. Македонија е позната како земјоделска држава, но годинава нејзините граѓани, според цената, јадеа овошје и зеленчук како да живеат на Запад.

Цените за подготовка на зимските бабини рецепти станаа превисоки за скромниот стандард на македонските граѓани, па некои од нив ќе мора да намалат со количината за подготвување зимница, а други ќе се надеваат дека во подрумот останало уште некоја полна тегла ајвар од лани.

Тезгите на пазарите се полни со производи за ајвар, лутеница, слатко, мармалад, малиџано, сосови и други зимници, но граѓаните купуваат се помалку.

Цените на пиперките за ајвар се движат од 40 до 60 денари за килограм на мало, или на големо, ако купувате над 30 килограми околу 35 до 45 денари. За 40 килограми пиперки ви требаат околу 2000 денари, за црн патлиџан кој се додава во ајварот ќе потрошите околу 200 денари, за зејтин околу 300 денари. Ако на ова се додаде и огревот за традиционалното ќумбе за печење, тогаш за зимница од 15 тегли граѓаните ќе потрошат најмалку 3.000 денари или по 200 денари тегла.

Иако ајварот во супермаркетите не е со истиот вкус и квалитет како „ајварот на мама„  или „ајварот на баба„, сепак е многу поефтин и се наоѓа за сума од 140 до 200 денари.

– Ќе правиме ајвар, но многу помалку оти е изгор скап пазарот. Лани беа по 30 денари, сега пиперките се 50 денари. Ова е покачување од речиси 100%, а платите и пензиите не мрднаа во време на пандемија – рече за ММС еден купувач кој го затекнавме на пазар.

Друг вели дека поисплатливо наместо зимница да си купи месо за 3000 денари и да го наполни замрзнувачот, а трет вели дека ќе чека да паднат цените до крајот на месецот и ќе може да си дозволи поголема количина.

Трговците, пак, велат дека првичните цени биле и солидни затоа што очекуваат поскапувања од идната недела поради малите количини од овие пиперки.

– Цените се високи и при набавка на зеленчукот, а квалитетот го нема годинава. Временските услови, сушата и топлото време ги намалија количините и затоа цената е малку повисока. Малку е рано за зимница, се раздвижува по малку, но нема да направиме промет како лани. Ајварската пиперка ја снемува и се очекува цената да оди нагоре. Првата тура ја завршив со цена од 35 денари, но од идната недела не верувам дека ќе ги продаваме под 50 денари за килограм оти нема од каде да се набават поголеми количини.  Лани, за време на пандемија, карантин и полициски час луѓето навистина купуваа зеленчук и овошје во поголеми количини иако не беше многу поевтино. Но, сега нема таков промет, како да се истроши народот лани. Ама како и да има, кога килограм патлиџан од втора класа е 70-80 денари, колку два килограми банани – рече за ММС трговец со зеленчук и овошје кој комуницирал и со малите продавници и пилјари кои исто така се пожалиле на намален промет во месец септември.

Но, не се само проблем производите за подготовка на зимница, годинава цела сезона, цело лето јадевме скапо овошје изеленчук.

-Како е можно среде лето краставиците да не паднат под 50 денари, патлиџанот уште поскап, пиперките исто. Праските беа 70, па и 90 денари. Се е тука наше и не знам дали е смешно или тажно да купиш банани од 50 денари, што растеле таму некаде и поминале илјадници километри за да дојдат до нашите тезги, а она што е наше, што расте тука да го плаќаш солено, вели купувач.

Орце Костов

фото: Вангел Тануровски, Фејсбук