Болсонаро невакциниран со пица на улица во Њујорк, Пендаровски нема потреба да јаде од нога – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/21 11:00 AM

Болсонаро невакциниран со пица на улица во Њујорк, Пендаровски нема потреба да јаде од нога

Невакцинираните шефови на држави кои неделава присуствуваат на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, најверојатно не ќе можат да одат на вечера во рестораните низ градот. Британските медиуми пренесуваат дека од овие причини, најверојатно,  и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој не е вакциниран, на својата прва вечер во Њујорк вечераше само парче пица на улица, пренесува МИА.

Двајца министри од неговиот кабинет, кои се дел од бразилската делегација, објавија фотографија на која Болсонаро јаде парчиња пица со своите помошници.

Поддржувачите на Болсонаро го пофалија овој потег на претседателот како незадолжителна „едноставност” на нивниот лидер, кој одлучил да вечера на улица, во близина на хотелот каде престојува на Менхетен.

Бразилскиот популистички лидер, кој пред да замине за Њујорк се пофали дека не е вакциниран, изјави дека неговиот имунолошки систем е доволно силен за да се одбрани од коронавирусот.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, апелираше до светските лидери да се вакцинираат пред да земат учество во дебатата на Генералното собрание на ОН.

Кабинетот на градоначалникот претходно изјави дека сите учесници во дебатата ќе мора да имаат доказ за вакцинација за да влезат во салата за дебати, која е класифицирана како конгресен центар. Бразилската мисија во ОН одби да ги коментира извештаите дека еден од нивните дипломати бил позитивен во Њујорк. Портпаролот на ОН, Стефан Ѓујариќ, изјави дека за ова прашање тие биле во контакт со бразилската мисија. Болсонаро ќе биде првиот шеф на државата што ќе зборува денеска на генералната дебата на годишната сесија на Генералното собрание на ОН, информира МИА

На овој настан е и нашиот претседател Стево Пендаровски, кој нема потреба да јаде на улица, тој без проблем влегува во угостителските објекти бидејќи е вакциниран. Пендаровски се вакцинираше во мај во Куманово, но и по неколку месеци остана енигмата со која вакцина се имунизираше претседателот – американската „Фајзер“или кинеската „Синофарм“?

ММС тогаш пишуваше дека  Пендаровски во Куманово ја прими првата доза на вакцината против коронавирусот. Од  неговиот кабинет по вакцинирањето информираа дека претседателот се  вакцинирал со вакцина од производителот „Фајзер“. Началничката  на Здравствен дом Куманово Снежана Јовановска, пак,  тогаш зад камерите информираше дека станува збор за вакцината на кинескиот производител Синофарм.

За да не биде јавноста дезинформирана и доведена во забуна по различните информации ММС тогаш повторно ги провери информациите од надлежните, во случајов кабинетот на претседателот и началничкатаво Куманово. Но, и двете страни повторно останаа на првичните тврдења.

фото: awsforwp.com