Петгодишното дете си играло пред дворот од неговата куќа во Мала Речица со уште неколку свои другарчиња, кога наеднаш дошле глутница кучиња скитници кои ги нападнале децата. Сите деца побегнале кон своите домови, а детето кое заврши со тешки телесни повреди, не стасало, туку се затскрило зад еден автомобил. Бездомните животни го забележале и веднаш го нападнале. На нападот сведоци биле неколку лица од селото, кои се обиделе да ги отргнат кучињата од детето кое било преплашено.
– Среќа што соседот успеал да ги избрка некако. Детето е искасано низ цело тело. Не можев да го подигнам од што го болеше секаде. Во болница го шиеја неколку лекари, посебно за окото, па кај друг лекар за лицето, па на друго место за грбот. Прими само една вакцина, а за другата против беснило мораше да одиме во Скопје, затоа што овде ја нема, рече мајката на петтгодишното дете, Валбона Мемети видно исплашена и потресена, бидејќи детето е искасано и шиено речиси по целото тело, а го нападнале над 20 кучиња.
Овој случај отвори две горчливи прашања во Тетово. Едното е состојбата во тетовската болница, односно како е можно да нема најобични вакцини во болницата, додека другото е општинската неодговорност за проблемот со кучињата скитници.
„На повреденото дете му било дадено антитетанус, физиолошки раствор и антибиотик, но за вакцина против беснило, сепак, било испратено на скопските клиники. Консултиран е инфектолог за антирабиес превенција и по нивна препорака детенцето е испратено на лекување во Скопје“, стои напишано на лекарскиот упат што му бил издаден на детето.
И мајката е изненадена како нема вакцина против беснило во тетовската болница, која по препорака треба веднаш да се прими кога си каснат од куче скитник.
ММС ги контактираше одговорните од Клиничката болница -Тетово, од каде ни одговорија дека вакцина и серум против беснило имаат и не знаат зошто не му е дадена на детето, па го повикаа семејството другите дози детето место во Скопје да ги прими во Тетово.
Но, од инфектвното одделение, каде требаше да ја прими вакцината не добивме одговор зошто на петгодишното детенце, ако имало вакцина, како што кажуваат од раководството на болницата, не му биле дадени сите потребни дози.
Затоа пак, од Министерството за здравство информираат дека и покрај серозноста на повредите, здравствената состојба на детенцето е стабилна.
-Поради сериозноста на повредите детето е хоспитализирано на УК за детска хирургија во Скопје, каде прима соодветна терапија и е стабилно, велат од МЗ.
Вториот проблем, проблемот со кучињата скитници во Тетово е долгогодишен и никако да се реши. Податоците на полицијата говорат дека од почетокот на годинава досега има евидентирано 54 каснувања од куче скитник, а бројката е многу поголема, ако се земе предвид фактот дека и не сите ги пријавуваат ваквите напади.
Моментално во Тетово не се третираат кучињата скитници. Од Локалната самоуправа велат дека наскоро се очекува да се објави тендер за заловување и згрижување на кучињата скитници.
Од ветеринарната амбуланта „Дог енд Кет“, која досега ги добиваше тендерите велат дека опфатени и стерилизирани се 600 кучиња скитници во Тетово. Но и покрај тоа, нивните информации говорат дека на терен има многу кучиња скитници, затоа што се носат од надвор, а на проблемот треба да му се пристапи регионално.
-Многу кучиња се носат од надвор, мора да има некоја контрола. И во Тетово ако се реши проблемот а на пример не се реши во соседните општни тогаш е се бадијала, дека кучињата ќе си одат од една во друга општина и тука е проблемот, нашите општини се поврзани. Мое мислење е дека може да има решение, ама ако на проблемот му се пристапи регионално, но и да се решава на ниво на цела држава, ако може да се одвојат пари да се згрижат сите кучиња. Тука е решението, а вака некаде го решаваш некаде не, ништо не правиш, вели Рами Селмани доктор по ветеринарна медицина од оваа ветеринарната амбулатна.
Кучиња скитници се третираат веќе две години, но со повеќе паузи како и сега, во зависнот од тендерите колку траат и парите кои Општина Тетово ги пушта за оваа намена. Најпрвин се заловуваат, се носат во стационар лоциран на неколку километри од градот, се стерилизираат, вакцинираат и во зависнот од нивнот здравје се пуштаат на слобода на местото од каде што се заловени согласно Законот за благосостојба на животните.
Од општина Тетово информираат дека во рамки на програмата за третман на кучиња скитници има обезбедено 3 милиони денари.
-До сега од страна на ангажираната компанија се третирани 650 кучиња и општина Тетово ќе обезбеди дополнителни средстава за оваа намена, но имајќи предвид дека овој проблем е проблем на државно ниво за решавање, потребна е државна стратегија за целосно искоренување на оваа појава, која за жал денес се резултираше со напад на пет годишно дете од Речица. Во подготовка е проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, финансиран од страна на Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА), има за цел да се осврне на главните предизвици во локалниот развој и да ги поддржи капацитетите на општините, во изработката и имплементацијата на проектите за локален развој. УНДП во моментов бара искусна компанија за проектирање за поддршка на проектот Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти во изработката на документација за урбанистички проект и основен проект за изградаба на регионален центар за бездомни кучиња со прифатилиште. Од избраната компанија се очекува да изработи техничка документација потребна за одобрение за градење и да соработува со тимот на УНДП за имплементација на проектот, во тесна соработка со лицето за контакт за проектот од Центарот за Развој на Полошкиот Плански Регион, информираа од општината.
Зоран Димовски