Во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со Кризи (ЦУК), на подрачјето на Охрид и Струга од денеска до 24 овој месец ќе се одржува вежбата „Северна Македонија 2021″.
Како што беше најавено на прес-конференцијата за вежбата, станува збор за сценарио за справување со последиците од катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата.
Главни цели на вежбата ќе биде тестирање на капацитетите и ресурсите на Системот за управување со кризи, потоа проверка на подготвеноста на т.н. (NICS) Напреден систем за централно следење и управување со кризи со Команден центар што во реално време ќе може да управува со сите расположиви ресурси на регионално ниво, како и проба на мерката за слободен проток на техника и луѓе преку границите меѓу членките на НАТО во случаи на кризи.
Првпат во Северна Македонија се одржува хибридна вежба, со теренски и командно-штабни активности, но и симпозиум со теми од областите на цивилно-воената соработка во кризни ситуации и улогата на армијата во случај на криза, имајќи предвид дека ангажманот на воените сили е последниот ресурс што треба да се ангажира во какви било околности.
На настанот ќе учествуваат претставници од 28 држави членки и парнери на НАТО и неколку меѓународни организации. Вежбата ќе им овозможи на екипите за брза реакција во кризи, но и на планерите и проценителите да разработуваат и увежбуваат активности за потрага и спасување во урбана средина, но и на вода и во планина, потоа вежби на медицински тимови за итни случаи, но и активности на екипи за детекција и идентификација на хемиски, биолошки и радиолошки агенси, како и активности поврзани со дезинформации.
МИА