Турската заедница, нема да признае бројка помалку од 7% по завршуваше на пописот и објавувањето на резултатите, кажа во денешното издание на емисијата Стадион, посветена на пописот, Емин Хусрев од координативното тело за попис на Турците.
„Според анализите направени во март годинава и кои што се базираат на сознанија од терен, анализи, анкети направени од НВО, според избирачкиот список и анализите на Светска банка, анализи на ДЗС во врска со процентот на наталитетот на Турците, ние како заедница тогаш усвоивме декларација во која меѓу другото потенциравме дека нашата зеедница не може да биде помалку од 7 % и не признаваме бројка помала од овој процент, рече во емисијата Стадион, Хусрев.
Тој наброја и неколку други забелешки за текот на пописот, како што е апликацијата која што е на турски, но одговорите се на македонски јазик. Тоа според него влевало сомнеж кај турската заедница дека резултатите ќе бидат релевантни. Реагираше и на бројот на попишувачи. Требало да има 206 попишувачи, задолжени за попишување на турската заедница. Во моментот фалеле околу 75 попишувачи. Како претставник на координативното тело за попис на Турците, Хусрев изјави доколку надлежните не ги отстранат тие недостатоци, можно е и да го бојкотираат натамошниот тек на пописот.
Директорот на ДЗС, Апостол Сомовски, кој беше гостин во емисијата Стадион, во врска со бројката која што ја очекува турската заедница изјави дека треба да се остави пописот да заврши и да се видат резултатите.
„ Дај нека каже пописот колку сме и што сме“, рече Симовски.
Во врска со апликацијата која што е на турски јазик , а одговорите на македонски, рече дека така е со апликациите за сите заедници.
„Онаму каде што се користат податоци од базите, не можеме да ги преведуваме затоа што станува збор за огромни бази на податоци и одговорот доаѓа само на македонски јазик,“ додаде директорот на ДЗС.
Што се однесува до бројот на попишувачите тоа е така, зошто толку и се пријавиле на објавениот оглас, кој наместо 10, траеше 40 дена.
Директорот на ДЗС, Апостол Симовски одговараше и на други прашања поврзани со пописот, но и за некои јавно изнесени констатации.
„Погрешив што јавно прогнозирав за бројот на жителите во Македонија , затоа што тоа е бројка што е дадена врз основа на демографски податоци и анализи што ги има ДЗС, а не според досегашната динамика и резултати од пописот. Пописот е сосема поинаква операција од било кои други анализи,“ рече Симовски.
На прашањето како ќе се пресметува уставно загарантираните 20% за остварување на правата на етничките заедници, дали 20% од вкупно попишаното население заедно со дијаспората или само резидентите, жителите присутни во Македонија, Симовски не сакаше да коментира.
„Тоа е политичка работа, ние сме статистичари и нас тоа не не интересира,“ изјави директорот на ДЗС, Апостол Симовски во денешното издание на емисијата Стадион на Канал77.