Опстанокот на земјава 30 години со маки и борби е гаранција дека ќе не има во следните 100 години, смета Љупчо Георгиевски – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/21 2:24 PM

Опстанокот на земјава 30 години со маки и борби е гаранција дека ќе не има во следните 100 години, смета Љупчо Георгиевски

Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски смета дека опстанокот на земјава 30 години со маки и борби е гаранција дека ќе не има во следните 100 години.

-Забораваме колку беше тежок периодот на отцепувањето, при распадот Македонија и не беше некој фактор, но најверојатно доволно добро го искористи тоа за да ја оствари својата цел, бидејќи целта е најважна, а тоа е Македонија да биде самостојна и независна држава. Ако не беше контекстот на распадот на комунистичкиот блок и со тоа распадот на поранешна Југославија нема да ја имавме независна Македонија, рече на трибината Георгиевски кој сега е претседател на ВМРО-НП.

Порано, нагласува тој, кога бил млад тврдел дека зо земјава имало многу малку енергија за  самостојна Македонија, но сега кога ги гледа резултатите и случувањата уште во периодот на формирањето на Југославија и за време на распадот, свесен е дека во таа генерација постоел реален страв кој треба да се калкулира, а бил резултат на репресиите на системот.

На денешната трибина учествуваат и првиот претседател на македонското Собрание Стојан Андов, поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, како и Васил Тупурковски, Љубомир Фрчкоски, Ѓулистана Марковска, Насер Зибери, Џевдет Хајредини, Мухамед Халили и Денко Малески.

Целта на трибината е преку сеќавања, опсервации и размислувања да се сумираат научените лекции од соочувањето со предизвиците во деновите кога се подготвувал референдумот за прогласување за прогласување независност.

 

МИА