И странците не можеа да разберат зашто не изби војна во Македонија, рече Фрчковски на дебатата за 30 години независност – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/21 2:19 PM

И странците не можеа да разберат зашто не изби војна во Македонија, рече Фрчковски на дебатата за 30 години независност

Професорот по меѓународно право Љубомир Фрчковски, кој беше и поранешен министер и за внатрешни и за надворешни работи, на дебатата во Владата посветена на 30 години независност „Патот до независноста”, осврнувајќи се на периодот непосредно по прогласувањето независност, рече дека во такви историски моменти на промена, најважна работа е важноста на одговорноста на политичките елити во тие моменти.

Тоа, оцени тој, за земја на крстосница значеше дека или ја контролирате вашата држава, или ќе ве поделат.

– Во такви околности, без армија, со меѓуетнички односи какви што имавме и со отворени односи со сите соседи, и странци не можеа да разберат зашто војна во Македонија во тој период не изби. Истовремено имате период на исклучителен мир, инклузија на Албанците со сите проблеми со нив, тоа беше значаен и суштествен дел на процесот. Македонија прво се обиде да научи раскинување со Југославија, односно со Србија, тоа го учевме во тој момент. Второто прашање беше новото поставување на албанската заедница во Македонија, истакна тој.

Третата тема која ја учевме, продолжи Фрчковски, е борбата со идентиските прашања со Грција и со Бугарија.

– Посебно со Грција беше жестоко, издржавме две блокади со Грција, единствено отворена граница беше со Бугарија, две ембарга да не ве фрлат на колена, државата и во тие услови добива силна самодоверба. И нормално учење геостратегија на мала земја, наоѓање стратешки партнери, начинот на којшто играте по правилата во меѓународните односи, учите демократија во една земја што не била демократска и која нема демократска традиција, заклучи Фрчковски.

Првиот претседател на првиот македонски Парламент Стојан Андов, говорејќи на дебатата истакна дека таа наша историја на независна држава од 91-ва, почнува со првата седница на Собранието со која претседавал најстариот пратеник Никола Стојановски.

– Седницата заврши со мој избор на претседател на Собранието. Таа вечер стигна материјал од претседателсвото на СФРЈ и добив покана да ја преставувам новата власт во Македонија. И другиот ден одржавме седница посветена на тоа барање. Тогаш Милан Кучан побара претседателството веќе да не го има врз СФРЈ туку да се пренесе кај републиките. Сите се согласивме со тоа, но изби некој спор меѓу Туѓман и Милошевиќ, рече Андов.

Тој потсети дека на 25 јануари била донесена Декларацијата за сувереност на Македонија и е првиот акт за прогласување независност на Македонија.

– Претходно, на 17 јануари, Глигоров беше избран за претседател со 116 гласови. Потоа го ставив за дискусија на дневен ред предлогот за декларацијата за сувереност, која потоа ја донесовме на 25 јануари.

 

 

МИА