До крајот на годинава Хрватите би можеле да патуваат во САД без визи – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/21 10:44 AM

До крајот на годинава Хрватите би можеле да патуваат во САД без визи

Хрватските државјани би можеле да патуваат во САД без визи веќе на крајот на оваа година, изјави американската претставничка за внатрешна безбедност која неделава е во посета на Хрватска, за да ја направи конечната проценка за подготвеноста на земјата да влезе во безвизен режим.

Министерот за внатрешна безбедност, Александро Мајоркас, треба да ја донесе конечната одлука за подготвеноста на Хрватска да се приклучи на Програмата за одлободување од визи (VWP). Делегацијата на американското министерство неделава е во Хрватска за да подготви конечен извештај.

Секретарката за меѓународни работи на министерството, Серена Хој, изјави дека Мајоркас ќе ја донесе одлуката до крајот на септември.

– Доколку се оди според планот, веруваме дека Хрватска до крајот на годината ќе влезе во безвизен режим, рекла Хој додавајќи дека делегацијата на ресорното министерство е оптимистична.

По укинувањето на визите за патување во САД за туристички и деловни потреби,  хрватските граѓани ќе аплицираат преку системот за електронска дозвола за патување (ЕSTA). Патниците ќе треба да се пријават најдоцна 48 часа пред летот, а пријавувањето ќе чини 14 долари.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен службено ја номинираше Хрватска за оваа програма на почетокот на август, а американската амбасада во февруари објави дека Хрватска го исполнила критериумот за помалку од три отсто одбиени барања за виза, имала 2,69 отсто тогаш.

Хој посочи дека овој критериум е еден од најсложените и оти многу земји сакаат да се приклучат на безвизниот режим, но имат потешкотии да ја совладаат оваа препрека.

Во моментов во оваа програма има 39 земји – сите членки на ЕУ освен Хрватска, Бугарија, Романија и Кипар, Австралија, Брунеј, Чиле, Исланд, Норвешка, Обединетото Кралство, Јапонија, Јужна Кореја, Монако, Нов Зеланд, Швајцарија, Сингапур и Тајван.

Членството во програмата се оценува на секои две години и можно е исклучување, како што беше во случајот на Аргентина во 2002 и на Уругвај во 2003 година.

Предуслов за програмата е зајакнување на безбедносната соработка и меѓусебното споделување информации помеѓу земјите кандидати и САД.

 

извор: дневник.хр